Вучиќ запеа, Љајиќ заигра – изборната кампања во Србија се претвори во шоу

Изборната кампања во Србија доби невообичаен ритам еден месец пред вонредните парламентарни избори закажани за 25 октомври: Александар Вучиќ запеа додека возеше кон Смедерево, Расим Љајиќ заигра оро пред полната сала во Нови Пазар, а Милош Јовановиќ настапи со тврди пораки за Европската Унија, Косово и односите со Русија.

Српскиот претседател, кој е носител и прв кандидат на листата „Обединета Србија“, својот последен предизборен настап го претстави како ден на „обичен човек“. Вучиќ самиот го управуваше автомобилот на патот кон Смедерево, пееше народна песна, а потоа се појави со рибарска дозвола покрај езерото Шалинац.

На неговите профили на социјалните мрежи следуваа снимки од риболов, средби со граѓани и момент во кој гали куче скитник и предлага да му дадат име. Наместо говорница, партиски знамиња и класична политичка порака, Вучиќ избра песна, волан и внимателно режирана слика на непосредност.

Настапот доаѓа во момент кога Вучиќ најави дека на 27 септември ќе поднесе оставка од претседателската функција и ќе се кандидира за премиер. Тој е на врвот на српската власт, како премиер или претседател, од 2014 година, а изборите на 25 октомври треба да покажат колкава поддршка има по речиси две години студентски и антивладини протести.

Во Нови Пазар, пак, Расим Љајиќ во кампањата влезе со оро пред исполнетата сала „Пендик“. Листата што ја предводи го носи неговото име и слоганот „Човечки“, а Љајиќ не крие дека неговата главна цел не е изборна победа, туку позиција без која нема да може да се формира идната влада.

„Нема да има влада без нас“, порача Љајиќ, прогнозирајќи дека неговата листа ќе освои доволно мандати за другите политички блокови да мора да преговараат со него. Зад орото и празничната атмосфера стои јасна политичка пресметка, освојување улога на одлучувач при формирањето на парламентарното мнозинство.

Сосема поинаков настап избра Милош Јовановиќ, носител на листата „Автентична десница“. Без песна, риболов и оро, тој побара редефинирање на односите на Србија со Европската Унија. Неговата порака е дека Белград треба да соработува со Брисел, но да се откаже од членството во Унијата и да не воведува санкции кон Русија.

Политичкиот спектакл се одвива во кампања во која важна улога има и студентското движење создадено по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Студентите влегоа во изборната трка со барања за одговорност, борба против корупцијата и враќање на независноста на институциите.

Дел од опозициските партии решија да не кандидираат сопствени листи и да го поддржат студентското движење, додека други опозициски коалиции веќе се соочуваат со повлекувања и внатрешни несогласувања. На спротивната страна, Српската напредна партија повторно ја гради кампањата околу личноста на Вучиќ и неговото враќање на премиерската функција.

Песната на патот кон Смедерево, орото во Нови Пазар и тврдите евроскептични пораки се само различни сцени од трката за истата цел, што поголемо влијание врз составот на српската влада по 25 октомври.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?