МЗТ Скопје Аеродром во сезоната 2026/27 ќе биде дел од групната фаза на ФИБА Европа Купот, со што клубот повторно ќе заигра на европската сцена по пауза од две ипол децении.
Настапот во ова натпреварување претставува уште една потврда за континуираниот развој на клубот, но и нов голем предизвик за сите во синобелото семејство. Во претстојната сезона, покрај обврските во АБА2 лигата и домашната Суперлига, МЗТ Скопје ќе се натпреварува и во Европа, што значи дека клубот го очекува исклучително богата и возбудлива сезона на три фронта.
Последниот настап во едно натпреварување под капата на ФИБА, МЗТ Скопје Аеродром го имаше во сезоната 2000/01, кога беше дел од Купот Кораќ. Во изминатите години клубот остави силен печат и во регионалната АБА лига, АБА2, како и во УЛЕБ Еврокупот, а сега повторно ќе има можност да ја претставува македонската кошарка на европската сцена.
Новата сезона во ФИБА Европа Купот ќе се игра во проширен формат со 48 екипи поделени во осум групи по шест клуба. Како еден од 24-те клуба со директен пласман во групната фаза, МЗТ Скопје има загарантирани најмалку десет европски натпревари против квалитетни противници од различни кошаркарски средини, што ќе претставува одлична можност за нови европски предизвици и натпреварувачки исчекори.
Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 16 јули во Минхен, кога МЗТ Скопје Аеродром ќе ги дознае противниците во европската сезона.
Пред МЗТ Скопје Аеродром е ново поглавје исполнето со предизвици, патувања, силни натпревари и можност повторно да се слушне европскиот звук во „Јане Сандански“.
ВО МЗТ Скопје Аеродром се уверени дека со поддршката од навивачите ќе бидат достоен претставник на македонската кошарка и ќе направат сѐ за достојно да го претстават клубот, Аеродром и Македонија на европската сцена.
