Европската фудбалска унија (УЕФА) е подготвена да се спротивстави на евентуалното враќање на руските национални селекции и клубови во меѓународните натпреварувања, и покрај сигналите дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) би можела повторно да го разгледа статусот на Русија по најновата одлука на Меѓународниот олимписки комитет (МОК).
Според информациите што ги пренесува британски „Гардијан“, во европската куќа на фудбалот нема расположение за укинување на санкциите воведени по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Голем број национални фудбалски федерации, меѓу кои Англија, Германија и Франција, остануваат цврсто против повторното вклучување на Русија во европските квалификации и натпреварувања.
Повод за новите шпекулации е одлуката на Меѓународниот Олимписки Комитет (МОК) да ги ублажи ограничувањата за руските спортисти во дел од спортовите, по што од ФИФА соопштија дека ќе ја анализираат новонастанатата ситуација пред да донесат одлука за следните чекори.
Доколку ФИФА се реши да го отвори патот за враќање на руските репрезентации, тоа би можело да предизвика нов судир со УЕФА. Односите меѓу двете организации и онака се затегнати по неколку неодамнешни несогласувања околу управувањето со светскиот фудбал и одлуките донесени за време на Светското првенство.
Русија е суспендирана од натпреварувањата на УЕФА и ФИФА од февруари 2022 година, по почетокот на воената агресија врз Украина.
Инфантино изјави за Sky News во февруари дека ФИФА ќе размисли за враќање на руските тимови. „Оваа забрана не постигна ништо, само создаде поголема фрустрација и омраза“, рече тој тогаш.
Дури и ако ФИФА преземе радикален чекор и дозволи Русија да се квалификува за Светското првенство преку друга конфедерација – како што е случајот со Израел, кој се натпреварува во Европа – тоа можеби нема да го реши проблемот, бидејќи европските тимови би можеле да се заканат со бојкот доколку Русија се квалификува.
Прашањето со Русија би можело да отвори уште една голема линија на поделба меѓу двете најмоќни организации во светскиот фудбал, кои веќе се судрија јавно оваа недела.
Спорот избувна откако дисциплинската комисија на ФИФА постави преседан со поништување на суспензијата на Фоларин Балогун пред поразот на САД од Белгија во осминафиналето.
