Утре Охридскиот маратон: 16 пливачи на патеката од Свети Наум до Охрид

Шеснаесет пливачи утре ќе влезат во водите на Охридското Езеро на 39. издание на Охридскиот пливачки маратон, еден од најстарите и најпрепознатливи спортски настани во Македонија. Главната трка се плива на 25-километарската патека „Климе Савин“, со старт кај Свети Наум и цел на градското пристаниште во Охрид.

Стартот е предвиден за 10 часот. Пливачите ќе треба да ја совладаат долгата езерска делница до центарот на Охрид, а за годинешното издание е обезбеден награден фонд од 15.000 долари.

Градоначалникот Кирил Пецаков во пресрет на трката оцени дека маратонот одамна ја надминал рамката на обичен спортски натпревар и станал дел од идентитетот на градот.

„Охридскиот пливачки маратон е многу повеќе од трка, тој е дел од нашиот идентитет, наша гордост, симбол на Охрид и нашето езеро“, порача Пецаков.

Охридскиот пливачки маратон има традиција подолга од седум децении. Првите маратонски натпревари на езерото се одржувале уште во 1950-тите, а современата традиција на меѓународниот маратон се развива од 1962 година. Низ годините во Охрид пливале дел од најпознатите светски маратонци, но и македонски имиња како Атина Бојаџи, Климе Савин и Нико Нестор.

Минатогодишното 38. издание исто така имаше 16 натпреварувачи од шест земји. Во машка конкуренција најдобар беше Италијанецот Матео Фурлан, додека кај жените победи Мајте Пука од Аргентина.

Годинашниот маратон е и централен спортски настан на „Ohrid Water Festival“, кој од 12 до 30 август обединува повеќе натпревари и активности на Охридското Езеро, меѓу кои едрење, кајак, веслање, ватерполо и други водени спортови.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?