ЕУ веќе не и е приоритет на Турција, Ердоган од Трамп ги чека F 35

НАТО

Ердоган од Трамп ги чека F 35 во момент кога Анкара отворено признава дека членството во Европската Унија повеќе не ѝ е приоритет. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервју за Ал Џезира практично ги постави двете линии на новата турска надворешна политика, вратата кон Брисел формално останува отворена, но политичкото внимание сè повеќе се насочува кон безбедноста, НАТО и обновувањето на воената соработка со Вашингтон.

„Наш приоритет не е Европската Унија“, порача Ердоган, додавајќи дека Турција не ја затвора вратата за членство, но дека смета оти Брисел ќе загуби повеќе доколку продолжи да ја држи Анкара надвор од Унијата.

Тоа е значајна политичка порака од земја која е кандидат за членство во ЕУ од 1999 година и ги започна пристапните преговори во 2005 година.

Но, тие преговори практично се замрзнати. Европскиот совет и Европската комисија и во последните оценки наведуваат дека процесот е во застој од 2018 година, при што како клучни проблеми ги посочуваат назадувањето во владеењето на правото, независноста на судството и основните права. Турција формално останува земја кандидат и важен партнер на Унијата.

Додека од Брисел се оддалечува политички, Ердоган сега очекува конкретен потег од Доналд Трамп.

Во истото интервју тој порача дека американскиот претседател дал ветување во врска со борбените авиони F 35 и дека Турција очекува тоа ветување да биде исполнето.

„Исполнувањето на ова ветување е важно за Турција“, изјави Ердоган.

Анкара беше исфрлена од програмата F 35 во 2019 година по купувањето на рускиот противвоздушен систем S 400. Вашингтон оцени дека рускиот систем претставува безбедносен ризик за технологијата на американскиот борбен авион, а подоцна воведе и санкции против турската одбранбена индустрија.

Трамп во јули најави дека ќе ги укине американските санкции кон Турција и дека ќе донесе одлука за можната продажба на F 35. Но, враќањето на Анкара во програмата не зависи само од политичкиот однос меѓу двајцата претседатели. Американскиот закон и натаму претставува сериозна пречка додека Турција го поседува рускиот систем S 400, а евентуалната продажба има противници и во Конгресот.

Истовремено, Турција веќе го засилува сопствениот воен капацитет. Развива домашен борбен авион KAAN, склучи договор за Eurofighter и вложува милијарди во сопствената одбранбена индустрија. На НАТО самитот во Анкара Ердоган побара и европските сојузници да ги отстранат ограничувањата за турската одбранбена индустрија.

Така се создава необична турска позиција. Членството во ЕУ повеќе не е приоритет, но Анкара сака пристап до европските безбедносни проекти. Од друга страна, од Вашингтон бара враќање на најсовремениот американски борбен авион, додека сè уште го поседува рускиот S 400 кој беше причината поради која остана без F 35.

Ердоган не ја затвора европската врата, но неговите последни пораки покажуваат дека Турција повеќе не сака да ја гради својата геополитичка позиција само околу ветувањето за идно членство во ЕУ. Во моментов, многу поконкретното прашање за Анкара е дали Трамп ќе го исполни ветувањето за F 35.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?