Дополнителна техничка поддршка од ЕУ за грчката железница и посета на Грција на европски експерти по железничката несреќа со 57 жртви, најави претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен по разговорот што утрово го имала со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Фон дер Лајен, на Твитер напиша дека со Мицотакис дискутирале за „дополнителната техничка поддршка што ЕУ може да ѝ ја обезбеди на Грција за да ги модернизира нејзините железници и да ја подобри нивната безбедност“.
Додаде дека експерти од ЕК и европската агенција за железници, оваа недела ќе бидат во Атина.
– Безбедноста на железницата е најважна, напиша фон дер Лајен.
Мицотакис, исто така преку Твитер, ѝ се заблагодари на претседателката на ЕК за, како што напиша, брзиот одговор на грчкото барање истакна дека се решени да ги мобилизираат сите расположливи ресурси и драго им е што можат да сметаат „на помошта на нашите европски партнери“.