Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

И покрај протестите Кнесетот ќе гласа за правосудните реформи

Последните напори за постигнување компромис се пролонгираа во текот на ноќта додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидуваше да ги поттикне контроверзните судски реформи пред денешното очекувано гласање во Кнесетот.

Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на Ерусалим за да се спротивстават на предлогот на Нетанјаху за ограничување на овластувањата на судиите. Критичарите стравуваат дека законот ќе ја поткопа израелската демократија, за која пратениците дебатираа во раните утрински часови.

Демонстрантите кои ја поддржуваат Владата и нејзините реформски планови се собраа во Тел Авив, епицентарот на 29 последователни недели антивладини протести.

Пратениците денеска треба да гласаат за нацрт-законот кој ќе ги ограничи овластувањата на судиите на Врховниот суд и ќе ги спречи да ги поништат владините одлуки за кои сметаат дека се „неразумни“.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера го повика Израел да не брза со реформите во судството кои предизвикуваат поделби, со оглед на другите предизвици со кои се соочува американскиот сојузник.

– Нема смисла израелските лидери да брзаат со ова, фокусот треба да биде на зближување на луѓето и изнаоѓање консензус. Од перспектива на пријателите на Израел во САД, сегашниот предлог за реформи во судството се чини дека е повеќе, а не помалку, раздор, истакна Бајден.

Претседателот на Израел, Исак Херцог синоќа се врати од посетата на САД и веднаш отиде во медицинскиот центар Шеба на средба со Нетанјаху. Во саботата вечерта, премиерот беше пренесен во болница во близина на Тел Авив, каде што му беше вграден пејсмејкер.

Тоа е извонредна ситуација. Мора да се постигне договор, наведе Херцог, кој подоцна се сретна и со опозицискиот водач Јаир Лапид, а предвидена е средба и со опозиционерот Бени Ганц.

Министерот за правда Јарив Левин посочи денеска ќе биде претставен пред пратениците изменет нацрт-законот и побара разбирање од опозицијата.

Разбирањето значи и подготвеност на опозицијата да направи отстапки, наведе Левин пред приврзаниците на митингот во Тел Авив.

Владата на Нетанјаху, која вклучува десничарски и ортодоксни Евреи, тврди дека предложените реформи ќе ги спречат прекумерните овластувања на судиите, кои паѓаат на демократскиот тест на изборите и ќе обезбедат подобар баланс на силите.

Противниците го обвинуваат Нетанјаху, кому му се суди за корупција, за конфликт на интереси. Некои демонстранти го опишуваат како „премиер на криминалот“.

– Мораме да продолжиме со притисокот, мораме да ја заштитиме нашата демократија, рече демонстрантот Амир Голдстајн, кој ноќта ја мина во протестен камп пред Парламентот.

И лидерот на опозицијата Лапид истакна дека законот мора да би запрен, додека Ганц повика на запирање на процесот на усвојување на законот.

Сè уште можеме да застанеме, да постигнеме договор за клаузулата за разумност. Мораме да запреме сè, посочи Ганц. 

Зачлени се на нашиот е-билтен