Денес, комерцијален авион од Иран слета на аеродромот во Дубаи во ОАЕ за прв пат од почетокот на војната пред четири месеци.
Авионот на „Сеперан ерлајнс“ слета на меѓународниот аеродром во Дубаи во 13:39 часот по локално време, беше објавено на веб-страницата на аеродромот, објавува CNN, и наведува дека е најавен уште еден лет од Дубаи до Техеран за подоцна денес.
ОАЕ е земјата од Персискиот Залив која претрпе најтешки ирански напади за време на војната меѓу САД и Израел против Иран, а официјален Техеран испали речиси 2.000 ракети и беспилотни летала кон ОАЕ, насочувајќи се кон воени, енергетски и цивилни објекти.
Односите меѓу Иран и ОАЕ, близок сојузник на САД со силни врски со Израел, останаа затегнати дури и откако Вашингтон и Техеран постигнаа договор за прекин на огнот во април оваа година.
Како еден од најголемите трговски партнери на Иран пред војната, ОАЕ зазедоа построг став кон Иран по иранските напади, намалувајќи ги економските и културните врски.
Сепак, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, минатата недела разговараше по телефон со својот колега од ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед, за прв пат од почетокот на војната.
