Нови руски напади во Украина, двајца загинати и десетици повредени

Најмалку две лица загинаа, а десетици се повредени во нов бран руски воздушни напади врз повеќе региони во Украина во текот на ноќта и утрово, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Најтешко бил погоден Харков, каде руски напад погодил повеќекатна станбена зграда. Дел од објектот бил уништен, а според последните информации повредени се 28 лица, меѓу кои девет деца.

Во Киевската Област загинале две лица, од кои едното било државјанин на Азербејџан.

Напади биле регистрирани и во Киев, каде биле оштетени станбени објекти, комуникациска инфраструктура и бензински пумпи. Уништено било и кафуле, а украинските власти соопштија и за напад врз пазар.

Во Одеската Област бил погоден брод што пловел под знамето на Палау, додека во Житомирската Област била оштетена фабрика за сладолед.

Станбени објекти биле погодени и во Сумската, Ривненската, Харковската и Одеската Област, додека критична инфраструктура била цел на нападите во Виницката, Днипропетровската, Хмелницката и Запорошката Област.

Зеленски побара дополнителни системи за противвоздушна одбрана, поддршка за енергетскиот сектор и дополнителна финансиска помош за Украина.

Руското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека руските сили напаѓале логистички и комуникациски објекти, пристанишна инфраструктура, горивни капацитети и објекти за кои Москва тврди дека се користат од украинските вооружени сили.

Тврдењата на двете страни за конкретните цели и последиците од нападите не можат целосно и независно да се потврдат во реално време.

Новите удари доаѓаат по неколку последователни денови на засилени руски воздушни напади врз Киев и други украински градови.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?