Премиерите на германските сојузни покраини од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) одржале таен состанок без канцеларот Фридрих Мерц, кој траел повеќе од два часа, речиси до 23 часот, објавува германскиот портал „Штерн“.
Како што наведува медиумот, тензиите се појавиле уште претходно во седиштето на CDU, при што неколку покраински премиери остро се спротивставиле на заложбите на Мерц за построги реформи, предупредувајќи дека не смее да се игнорира отпорот во јавноста.
Раководството на ЦДУ повторно ќе се состане денеска, а потоа утре се закажани состаноци на сојузниот извршен одбор и пратеничката група.
Официјално, Мерц и натаму ја има поддршката од својата влада и партијата по покраинските избори во Саксонија-Анхалт, Мекленбург-Западна Померанија и Берлин. Дури и пред изборниот пораз во неделата, покраинските премиери од ЦДУ изразија поддршка за канцеларот во отворено писмо, иако во него ниту еднаш не го споменале Мерц по име.
Сепак, тајниот состанок без присуство на канцеларот отвора нови прашања за состојбите во партијата.
„Ваков состанок, очигледно без канцеларот, во вечерта кога тој доживеа изборен пораз, секако е експлозивен“, коментира дописникот на „Штерн“ Ено Осбург.
Според него, никој од присутните не сакал да даде изјава, но разговорите траеле околу два часа, иако покраинските лидери претходно веќе се сретнале со Мерц во седиштето на ЦДУ.
„Се чини дека покраинските лидери имаат потреба да разговараат меѓу себе, без присуство на канцеларот“, оценува Осбург.
Мерц, наводно, воопшто не знаел дека се водат овие паралелни разговори.
И покрај внатрешниот отпор, Мерц јавно зазеде цврст став. Тој порача дека нема намера да поднесе оставка и дека ќе продолжи со својот курс на управување и реформи.

