ОН активира Фонд за итни случаи за хуманитарна помош поради кратењата на САД

Обединетите нации активираа 110 милиони долари од својот Централен фонд за итни случаи за помош на занемарени кризи ширум светот, откако големите донатори, вклучително и САД, значително ја намалија својата финансиска поддршка.

Според официјалното соопштение на ОН, финансиската состојба за хуманитарна помош се влошува со години, но дополнителен удар беше одлуката на администрацијата на Доналд Трамп минатиот месец да замрзне странска помош вредна 60 милијарди долари.

  • За земјите погодени од конфликти, климатски промени и економски турбуленции, овие брутални кратења не значат дека нивните потреби исчезнуваат, изјави Том Флечер, заменик-генерален секретар на ОН и координатор за итни случаи.

Фондот ќе биде искористен за помош на најпогодените региони во Африка, Азија и Латинска Америка, каде што хуманитарната криза е во пораст. Околу една третина од средствата ќе бидат насочени кон Судан, каде што повеќегодишната граѓанска војна предизвика масовно раселување и глад. Дополнителни средства ќе бидат распределени за Чад, кој прифати над еден милион судански бегалци.

ОН оваа година побара 45 милијарди долари за хуманитарни мисии, но досега доби само 5 проценти од потребните средства, што е најнизок процент на донации во последните неколку децении.

Со оваа интервенција, ОН се обидуваат да ги ублажат последиците од драстичните кратења на меѓународната помош, кои се резултат на новите политики на САД, но и на други големи донатори како Велика Британија, кои исто така ги намалија своите средства за меѓународни хуманитарни програми.

Зачлени се на нашиот е-билтен