Случајот со бомбашкиот напад врз украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев во Монако добива сè понеобичен тек. Главната осомничена за нападот, 39-годишната Украинка Анастасија Березовска, по бегството од Монако успеала да стигне до Украина, каде само неколку дена подоцна била пронајдена убиена во шума во близина на Киев.
Бомбата експлодирала на 29 јуни пред луксузната зграда во која живеел Јермолаев. Во нападот тешко биле повредени бизнисменот, неговата партнерка и 13-годишно дете. Според истрагата во Монако, експлозивната направа била активирана од далечина во моментот кога тие се приближувале кон влезот.
Камерите за видеонадзор првично ги навеле истражителите да трагаат по маж со црна капа и широка облека. Подоцнежната анализа на снимките покажала дека станува збор за Березовска, која, според обвинителството во Монако, се маскирала како маж. Клучен детал при идентификацијата била големата тетоважа на нејзината десна рака, за која Интерпол наведе дека најверојатно претставува змија.
Истражителите утврдиле дека осомничената неколку дена пред нападот повеќепати ја проверувала околината на зградата и ја повторувала истата маршрута. По експлозијата побегнала во Франција, а потоа со автомобил изнајмен во Германија продолжила преку Италија. На 1 јули пристигнала во Украина.
Но таму приказната добила нов пресврт. Украинските власти утврдиле дека по враќањето Березовска комуницирала со двајца мажи, еден вработен во украинското воено разузнавање ХУР и еден поранешен припадник на органите на прогонот. Истражителите откриле и дека двајцата претходно повеќепати испраќале пари на нејзини банкарски сметки и криптопаричници.
Телото на Березовска било пронајдено со прострелни рани во близина на Киев. Двајцата мажи се уапсени и се во притвор без можност за кауција. Според украинските обвинители, еден од нив првично признал дека учествувал во убиството и им покажал на истражителите каде се наоѓа телото. Подоцна во судница го повлекол признанието и го обвинил вториот осомничен дека пукал во Березовска.
При претресот на домот на поранешниот припадник на безбедносните структури, украинските власти пронашле и подрумска просторија која ја опишале како место што наликува на просторија за мачење. Неговата одбрана тврди дека станувало збор за засолниште.
Истрагата сега се води на две нивоа. Властите во Монако се обидуваат да утврдат кој го организирал и финансирал нападот врз Јермолаев, додека украинските истражители го испитуваат убиството на Березовска и можната поврзаност на двајцата осомничени со бомбашкиот напад. Засега не е утврдено кој го нарачал нападот ниту мотивот зад него.
Јермолаев е бизнисмен роден во Украина кој подоцна добил кипарско државјанство. Украина го стави под санкции во 2023 година поради наводни деловни активности на територии окупирани од Русија. Тој ги негира обвинувањата и по нападот изјави дека не знае кој би можел да сака да го убие.
CNN во ново истражување го реконструира целиот пат на Березовска од подготовките во Монако, преку бегството низ Европа, до нејзиното враќање и убиство во Украина. Клучното прашање, кој стоел зад нападот врз Јермолаев, и понатаму останува без одговор.
