Под Етна животот продолжува со маски и вреќи полни вулканска пепел

Етна

За туристите ерупциите на Етна се спектакл што се снима од безбедна далечина. За луѓето во градовите и селата на источна Сицилија тие значат денови поминати во чистење улици, автомобили и покриви, затворени прозорци и повторно вадење на заштитните маски.

Последната силна серија ерупции на најактивниот вулкан во Европа повторно покажа дека најголемиот проблем за населението околу Етна не е секогаш лавата, туку вулканската пепел која со ветерот се разнесува десетици километри од кратерите.

Во периоди на силна активност врз населените места можат да паднат илјадници тони ситни вулкански честички дневно. Тие остануваат на улиците, во дворовите и на покривите, а со секое минување автомобил или посилен ветер повторно се креваат во воздухот.

Емилија Привитера од Николози, град на падините на Етна, за Euronews раскажува дека проблемите со кашлица кај неа почнале уште во 2021 година. По лекарски преглед биле откриени ситни честички пепел во нејзините дишни патишта. Оттогаш, вели таа, симптомите се враќаат при новите еруптивни циклуси.

Медицинските истражувања покажуваат дека најситните честички можат да навлезат длабоко во белите дробови и да предизвикаат иритација и воспаление. Посебно чувствителни се децата, повозрасните лица и луѓето со хронични заболувања на дишните патишта.

За време на силната активност на Етна во август, локалните здравствени служби регистрирале повеќе пациенти со иритација на очите, кашлица, кивање и проблеми со носот. Според податоците пренесени од Euronews, бројот на лекарски прегледи во еден период бил околу осум проценти над вообичаеното.

Проблемот не завршува кога ќе запре ерупцијата. Ако пепелта не се собере брзо, таа може со недели повторно да се крева од улиците. Дел од жителите се жалат дека локалните служби немаат доволно организиран систем за нејзино отстранување, па семејствата сами полнат вреќи кои потоа со недели или месеци остануваат во нивните дворови.

Дополнителен проблем создава и начинот на чистење. Употребата на силни дувалки ја трга пепелта од една површина, но истовремено повторно ја внесува во воздухот, со што се продолжува изложеноста на населението.

Августовската еруптивна фаза имаше последици и далеку над населените места под вулканот. Пепелта повеќепати го затвораше аеродромот во Катанија во екот на туристичката сезона. Во периодот од 6 до 12 август биле откажани повеќе од една третина од речиси 2.000 планирани летови, а стотици други биле пренасочени кон други аеродроми.

Италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија постојано ја следи Етна. Според последното соопштение од 23 август, емисиите на пепел постепено се намалиле и моментално се регистрираат само повремени и слаби исфрлања кои брзо се растураат околу врвот. Сицилијанската цивилна заштита, сепак, и во последните денови продолжи да издава известувања поврзани со вулканската активност.

Сицилија сега се обидува проблемот што со децении се третира како вонредна состојба да го претвори во дел од редовното управување со животот околу вулканот.

Еден од новите пристапи е пепелта повеќе да не се третира само како отпад. Регионалните власти годинава отворија можност таа да се користи како суровина, меѓу другото и во градежништвото, каде што може делумно да замени одредени материјали во производството на цемент.

За жителите на Николози, Заферана Етнеа и другите населени места под Етна, тоа би значело помалку пепел оставена на улиците и во дворовите. Дотогаш, наједноставната препорака при силно паѓање пепел останува истата – затворени прозорци, што помалку престој надвор и маска кога воздухот е исполнет со ситни вулкански честички.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?