Претставници на САД и на талибанците го завршија состанокот на високо ниво во Доха, на кој се разговараше за чекорите за градење доверба, соопштија двете страни.
За време на дводневниот состанок, американските власти ги повикаа де факто владетелите на Авганистан да ја променат политиката одговорна за влошување на човековите права во земјата, особено за жените, девојките и ранливите заедници, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Талибанското Министерство за надворешни работи соопшти дека отстранувањето на црната листа и одмрзнувањето на авганистанските банкарски средства се меѓу нивните клучни барања.
Откако се вратија на власт, талибанците им оневозможија на девојките и жените пристап до образование и бројни можности за вработување и наметнаа низа драконски политики кои ја влошија состојбата со човековите права на Авганистанците. Досега ниту една земја во светот не ја признала талибанската влада.
Талибанците се вратија на власт со падот на поранешната авганистанска влада во услови на хаотично повлекување на силите на НАТО предводени од САД од земјата во август 2021 година. Повлекувањето беше олеснето со мировниот договор потпишан во Доха меѓу САД и талибанците. Од почетокот, талибанците ветија умерена влада.