Војната во Украина за Северна Кореја станува голем полигон за учење модерно војување. Севернокорејските војници кои на почетокот пристигнаа во Русија речиси без искуство со дронови, денес веќе се обучуваат и се користат како оператори на беспилотни летала, извидувачи и во координација на артилериски напади, пишува CNN.
Кога првите севернокорејски единици беа испратени во Курската област, украинските команданти ги опишуваа како физички подготвени, но обучени за начин на војување од минатиот век. Дроновите им нанесоа тешки загуби, а CNN претходно објави сведоштва според кои војниците немале претходно практично искуство со беспилотни летала на бојното поле.
Само неколку месеци подоцна сликата почнала да се менува. Украина објави снимки и пресретнати комуникации за кои тврди дека покажуваат севернокорејски оператори кои користат извидувачки дронови и им помагаат на руските сили да го коригираат артилерискиот оган кон украинските позиции.
Тоа е една од најголемите долгорочни придобивки што Пјонгјанг може да ги добие од сојузништвото со Москва. Според Reuters, севернокорејските војници во Русија веќе стекнале практично искуство со дронови, електронско војување, артилериска координација и современи тактики, додека производителите на оружје во Северна Кореја добиваат можност да ги тестираат своите ракети и муниција во вистинска војна.
Русија, од друга страна, добива луѓе, муниција и ракети. Северна Кореја досега испрати околу 14.000 војници во Русија, а Пјонгјанг снабдува и милиони артилериски гранати и балистички ракети. Во август украинското разузнавање соопшти и дека во западна Русија се распоредува севернокорејска ракетна единица која би можела да располага со до 120 балистички ракети и шест лансери.
Украинските власти предупредуваат дека севернокорејските ракети исто така стануваат попрецизни. Reuters претходно објави дека новите верзии на ракетите KN-23 и KN-24 покажале значително подобрување во точноста во однос на првите примероци употребени во Украина. Тоа отвора сомнеж дека Москва и Пјонгјанг ги користат податоците од реалните напади за понатамошно усовршување на оружјето.
Токму ова предизвикува растечка загриженост во Јужна Кореја. Сеул во јуни објави план за обука на околу 500.000 припадници на вооружените сили за користење дронови и планира производство на 110.000 беспилотни летала до 2029 година. Јужнокорејскиот министер за одбрана порача дека дронот треба да стане практично „второ лично оружје“ на војникот.
Загриженоста дополнително расте поради можноста Северна Кореја да добива руска технологија во замена за воената помош. Аналитичарите со години предупредуваат дека соработката може да опфати ракетни системи, сателитска технологија, подморници и производство на современи борбени дронови.
Сето ова се случува во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп нареди намалување на заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, повикувајќи се на добрите односи со Ким Џонг Ун. Одлуката предизвика загриженост кај дел од воените аналитичари токму затоа што севернокорејската армија во исто време добива реално борбено искуство во Украина.
За Северна Кореја, затоа, руската војна повеќе не значи само испраќање војници и оружје. Таа и овозможува на една од најизолираните армии во светот да ги тестира своите системи, да учи современо војување и тоа искуство да го врати дома, на Корејскиот Полуостров.
