Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Руската пропаганда во македонските медиуми „виа Београд“

Руската пропаганда во македонските медиуми добива на интензитет. Во дел од македонските медиуми, според сега веќе воспоставена динамика, синхронизирано, како по договор се пренесуваат наративи според упатствата на руските пропагандисти.

Во последно време се објавуваат информации кои имаат за цел да ја минимизираат руската воена агресија врз Украина, се разбира поради очигледните неуспеси на „втората армија во светот“ на бојното поле, и, наместо тоа, да ја претстават Русија како просперитетна држава под водство  на својот мудар и бестрашен лидер, „великиот“ Владимир Путин.

Тоа, впрочем се и насоките на планерите на кампањата на Путин за неговиот петти мандат, да не се посветува преголемо внимание на војната во Украина, и наместо тоа, да се „фокусира на надворешните работи“ критикувајќи ги западните земји во говорите и пропагандните материјали на Путин, надевајќи се дека овој пристап ќе го прикаже Путин како човекот одговорен за претворање на Русија во „остров на спокојството“, форсирајќи го наративот на пропагандистите на Кремљ дека  и покрај сите санкции против неа, Русија „изгледа прилично добро во позадината на општиот хаос“ во светот.

Цивил Медиа забележува дека ваквите наративи наидоа на плодна почва во одредени македонски медиуми, кој се чини дека веќе се вклучија во претседателската кампања на Путин.

И според веќе воспоставената конекција, овие наративи во македонските медиуми доаѓаат од, не е тешко да се погоди, соседна Србија.

Според последните согледувања на мониторинг тимот на Цивил, некритичкото пренесување на ваквите афирмативни текстови земаат се поголем замав.

Така, пред 2 дена, откако српскиот медиум Политика прв го пренесе „сензационалното“ , непоткрпено со докази откритие на претставникот на земјата агресор во ОН, извесен „товариш“ Полјански дека Америка ќе ја напушти Украина, бидејќи режимот во Кијив наскоро ќе падне ( иако секојдневно високи американски претставници ја потврдуваат помошта за Украина ), и истото беше преземено од неколку српски медиуми, со светлосна брзина, целиот текс, интегрално, преведен од српски, како доследни следбеници на препишувачката „Ресавска школа“, беше пренесено на неколку, веќе етаблирани проруски медиуми во Северна Македонија.

Синхронизираноста е повеќе од очигледна.

Иако некои од овие медиуми ја објавија изјавата на американскиот министер за одбрана, Лојд Остин дадена во Кијив дека Пентагон ќе ѝ испрати на Украина дополнителна помош во оружје во вредност од 100 милиони долари од постојните американски резерви, вклучувајќи артилерија и муниција за системи за противвоздушна одбран, всушност се работи за изедначување на агресорот и жртвата, по принципот „пет минути за Хитлер, пет минути за Евреите“, со што само ја подзакриваат распостранетата руска пропаганда на своите страни, доведувајќи ги во заблуда своите читатели о својата наводна „објективност“.

Како потврда за веќе нескриеното „одработување“ за познатиот нарачател, следува веста ( овој пат пренесена во помал обем) за огромните успеси на руските „трудбеници“ и рекордната жетва на пченица во Русија која би можела да достигне 92,9 милиони тони, според руската логистичка компанија Русагротранс, и дека ќе следува голем извоз.

Секако, во пренесената вест нема информации за недостатокот од жито на светските пазари поради блокадата на украинскиот извоз преку црноморските пристаништа од страна на Русија, како и нотираното масовно крадење украинско жито од окупираните територии, кое потоа руските окупатори го извезуваа како свое.

А и како би имало, кога и оваа нарачка пристига преку оската „Москва – Београд- Скопје“, првенствено пренесена на српскиот портал Б92, и ревносно преведена  на наведените портали.

Пропаганда достојна на „најсветлите денови“ на СССР од времето на Сталин.

Драган Мишев (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира