САД испукаа ракети кон танкер за нафта во Ормутскиот теснец како дел од блокадата на иранските пристаништа, додека пристигнуваа извештаи за напади врз Техеран, први во најновиот бран конфликти. Американската војска потврди во четврток наутро дека онеспособила празен танкер со ракети „Хелфаер“ откако екипажот игнорирал повеќекратни предупредувања, во услови на ескалација што се заканува да се претвори во отворена војна, пишува „Гардијан“.
Американската војска започна втор бран напади врз Иран во близина на Ормутскиот теснец.
Новите американски напади се фокусираа на „иранските воени капацитети што се користат за заканување на бродовите што минуваат низ Ормутскиот теснец“, соопшти Централната команда на САД, без да ја прецизира областа на нападот.
„Согласно наредбата на Врховниот командант, американската војска го смета Иран за одговорен“, се вели во објавата на социјалната мрежа X.
Американската војска започна напади врз Грејт Танб, стратешки важен остров во близина на Ормутскиот теснец. Иранските медиуми објавија дека се слушнале експлозии во јужните градови Ахваз и Чабахар, но нема информации за тоа кои биле целите.
Во тој период, како директна последица на проблемите во теснецот, цената на нафтата на светскиот пазар повторно скокна.
„Рацете на Иран не се врзани“
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, предупреди дека „рацете на САД не се врзани“ за Иран и дека ќе одговорат на „кршењето на обврските“ од страна на САД, додавајќи дека продолжувањето на преговорите не е на карти засега.
Багеи рече дека пристапот на Иран кон Меморандумот за разбирање со САД се базира на строгиот принцип на реципроцитет, нагласувајќи дека Техеран ќе ги суспендира обврските што ги презеде како одговор на одлуката на Вашингтон да го прекрши договорот.
„Нашите раце не се врзани и нашите борци ќе одговорат со полна сила на американската агресија. Од самиот почеток рековме: обврска за обврска, што значи дека ќе ги исполниме нашите обврски сè додека другата страна се придржува до своите. Со оглед на тоа што другата страна не ги исполнува, и ние се откажавме од спроведувањето на нашите обврски“, рече Багеи, како што објави агенцијата ИРНА.
Коментирајќи ги новите американски напади, тој рече дека вооружените сили на Иран се подготвени да го бранат секој сантиметар од нивната територија.
„Не треба да има сомнежи за одбраната на земјата. Нашите вооружени сили ќе одговорат со сета своја сила. Сите американски акции се примери на агресија и сите се нелегални, но кога ќе нè погодат нас, и тие ќе бидат погодени“, рече Багеи.
Кога беше прашан за статусот на преговорите, тој рече дека нивното продолжување не е планирано, бидејќи Иран во моментов е фокусиран на одбраната.
