Кој ги саботира холандските пруги? Цевки на 30 локации ја парализираа железницата

Никој не ја презеде одговорноста, а полицијата и разузнавачката служба испитуваат дали зад истовремените напади стои организирана група.

Кој и зошто поставил метални цевки и кабли на 30 локации долж холандската железничка мрежа? Ова е клучното прашање на кое полицијата и безбедносните служби се обидуваат да одговорат по координираните саботажи што во вторникот наутро го нарушија железничкиот сообраќај во голем дел од земјата.

Проблемите започнале околу 5:30 часот, во екот на утринскиот метеж. Националниот железнички оператор „ПроРејл“ открил цевки намерно прицврстени за шините, како и кабли поставени со цел да предизвикаат краток спој.

Поставените предмети го активирале безбедносниот систем и создале лажен сигнал дека на пругата има воз. Семафорите автоматски се префрлале на црвено, возовите запирале, а дел од железничките премини останале затворени и за автомобилскиот сообраќај.

Најтешко биле погодени врските околу Зволе, Девентер и Амерсфорт, но последици почувствувале и патниците преку Утрехт, најфреквентниот железнички јазол во Холандија. Прекините зафатиле и дел од меѓународните линии кон Германија.

Кај Стејнвајк еден воз удрил во материјал поставен на пругата. Нема повредени, но инцидентот покажал дека акцијата не била само обид за попречување на сигнализацијата, туку можела да ја загрози и безбедноста на патниците.

Некои цевки биле долги меѓу 1,5 и два метри. Железничките екипи ги отстранувале со ракавици за да не ги уништат можните отпечатоци и другите траги што би можеле да ги доведат истражителите до сторителите.

„ПроРејл“ соопшти дека на одредени места биле поставувани нови предмети и откако претходните биле отстранети. Географската распространетост и речиси истовременото активирање на дефектите го отвораат прашањето дали станува збор за однапред координирана операција, но истражителите засега не објавија таков заклучок.

Саботажите се случија на Денот на буџетот, кога кралот Вилем-Александер ја отвори новата парламентарна сесија и ги претстави владините планови за 2027 година. Истиот ден незадоволни земјоделци запалија бали сено и автомобилски гуми покрај повеќе автопати.

Организацијата „Фармерс дифенс форс“ ја презеде одговорноста за пожарите покрај патиштата, но негираше дека стои зад саботажите на пругите. Нејзин претставник, сепак, изјави дека не може да се исклучи можноста одделни земјоделци самостојно да учествувале во такви „диви акции“.

И „Агракти“ и климатското движење „Екстинкшн ребелион“ негираа вмешаност. Шест лица беа уапсени поради палењето бали сено покрај автопатот А2, но полицијата нагласи дека тие апсења не се поврзани со истрагата за железничките саботажи.

Во потрагата по сторителите, покрај полицијата и обвинителството, е вклучена и холандската разузнавачка служба АИВД. Засега нема осомничени, нема преземена одговорност и нема потврда дали нападите биле поврзани со земјоделските протести, со Денот на буџетот или со друг мотив.

До попладневните часови сите откриени предмети биле отстранети, а железничкиот сообраќај постепено бил целосно обновен. Патниците и понатаму биле предупредени на можни доцнења додека мрежата се враќа во редовен режим.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?