Словенија ја менува деветолетката, подготвува осумгодишно основно образование

ученици

Словенија подготвува голема реформа на образовниот систем со која сегашното деветгодишно основно образование треба да биде заменето со современ модел на осумгодишно основно училиште.

Министерот за образование, наука и млади Борут Рончевиќ најави дека Министерството ќе подготви премин кон осумгодишно основно образование, како дел од поширока реформа што треба да ги опфати наставните програми, оценувањето, националните тестирања и матурата.

Сепак, реформата сè уште не е финализирана. Министерството наведува дека организацискиот модел, преодниот период и програмските промени ќе бидат утврдени во следната фаза на подготовка.

Најавата доаѓа по објавувањето на резултатите од PISA 2025, според кои словенечките 15-годишници ги забележале најслабите резултати откако земјата учествува во истражувањето.

Просечниот резултат по математика паднал на 460 поени, од 485 во 2022 година, додека кај читањето резултатот се намалил на 445 од 469 поени. Во природните науки словенечките ученици постигнале 484 поени, 16 помалку отколку три години претходно.

Рончевиќ најави дека реформата ќе стави поголем акцент на основните знаења, пораното описменување, појасните стандарди за оценување и дополнителната помош за учениците кои заостануваат.

Во наставата треба да се зајакнат и информатиката, програмирањето, алгоритамското размислување, вештачката интелигенција, финансиската и медиумската писменост и сајбер-безбедноста.

Предлогот за премин кон осумгодишно основно образование веќе отвори широка јавна дебата.

Анкета нарачана од словенечкото Министерство за образование, спроведена од 15 до 21 септември на 1.095 полнолетни граѓани, покажала дека 45,9 проценти го поддржуваат преминот кон осумгодишно основно училиште, додека 28,8 проценти се против.

Меѓу родителите на деца кои сега посетуваат основно училиште или го посетувале во последните пет години, поддршката изнесува 51,1 проценти. Кај вработените во образованието, 39 проценти се за промената, а 36 проценти се против.

Министерството најавува продолжување на јавната и стручната дебата преку стратешки совет и серија експертски расправи, по што треба да бидат утврдени конкретните решенија за новиот модел.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?