Британски фабрики што произведуваат дронови за Украина би можеле да станат цели на напади од „непознати извори“, изјави советникот на Кремљ и поранешен заменик-министер за надворешни работи на Русија, Андреј Федоров.
Федоров во интервју за Би-Би-Си рече дека не може целосно да ја исклучи можноста за „полувоен“ одговор кон Велика Британија поради нејзината сè поголема воена поддршка за Украина.
„Порано или подоцна, можеби нема да има само вербална, туку и некаква видлива реакција од Русија кон Велика Британија“, рече Федоров.
Како можни сценарија тој спомена хакерски напади од извори кои формално не би биле поврзани со руските власти, политички мерки, но и можни инциденти во претпријатија кои произведуваат беспилотни летала за Украина. На прашањето дали тоа би можело да значи напад врз британски фабрики, Федоров одговори дека тие би можеле да бидат нападнати „не од Русија, туку од непознати извори“.
Изјавата на Федоров не претставува официјална најава дека Москва донела одлука за напад врз британска територија. Сепак, доаѓа во момент на дополнително заострување на односите меѓу Москва и Лондон.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, претходно ја обвини Велика Британија дека директно се вклучува во војната на страната на Киев и дека со новата воена помош „додава масло на огнот“. Тој изјави и дека руската армија систематски собира информации за локациите на украинското производство на ракети со цел тие да бидат уништени.
Новите руски реакции следуваат по одлуката на британските власти да дозволат компанијата MBDA да ѝ предаде на Украина доверливи информации за британските компоненти што се користат во крстосувачките ракети SCALP. Целта е да се овозможи воспоставување производствени линии во Украина.
SCALP е француската верзија на британско-француската крстосувачка ракета Storm Shadow, оружје со долг дострел кое Украина веќе го користи против руски воени цели.
Британскиот премиер Енди Бернам при посетата на Киев на 24 август повтори дека Лондон ќе продолжи со воената поддршка за Украина. Тоа беше негово прво патување во странство откако ја презеде премиерската функција.
Москва и минатата недела предупреди на неодредени „последици“ по извештаите дека британски дронови биле користени за украински напади со долг дострел врз цели во Русија

