Унгарија ќе ѝ испорачува гас и дизел на Украина

Фото: X/@ZelenskyyUa

Украина и Унгарија постигнаа договор за зајакнување на енергетската соработка, кој вклучува испорака на природен гас и дизел за Киев и олеснет пристап на унгарските компании до украинските складишта за гас. Договорот го постигнаа украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Петер Маѓар на средбата одржана во вторникот во украинската Закарпатска Област.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалната мрежа Икс објави дека ова е прва официјална посета на Петер Маѓар на Украина во својство на премиер на Унгарија. Покрај енергетските прашања, двајцата државници разговарале и за унапредување на трговската и хуманитарната соработка меѓу двете соседни земји.

На состанокот се договорени и заеднички инфраструктурни проекти, меѓу кои се обновата на постојните и отворањето нови гранични премини. Во план е и воведување директни железнички линии на дополнителни рути меѓу Украина и Унгарија. Тема на разговорите било и хуманитарното разминирање на украинската територија, како и учеството на Будимпешта во меѓународната коалиција за таа намена.

За сите овие прашања се постигнати конкретни договори, а на надлежните тимови им е наложено на оперативно ниво да обезбедат нивна брза реализација, порача Зеленски по средбата.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека неговата земја во Украина испраќа медицинска и енергетска опрема, лекови и транспортни возила во вкупна вредност од една милијарда форинти, што изнесува околу 2,65 милиони евра.

Тој додаде дека унгарската влада од државниот буџет за 2026 година издвоила дополнителна милијарда форинти за поддршка на унгарската заедница во Закарпатската Област. За управување со овие средства се основа Фондот за општествен развој „Илона Зрињи“. Закарпатија е пограничен регион во западна Украина каде што живее најголемиот дел од унгарското национално малцинство во земјата.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?