Трагедија во Ирска, пет тинејџери загинаа во директен судир на автопатот М9, откако автомобилот во кој се наоѓале се движел во контраправец. Несреќата се случила во раните утрински часови на 16 август, кај Мун, во округот Килдер, кога нивниот автомобил директно удрил во друго возило во кое патувале три сестри и седумгодишно дете.
Според информациите на ирската полиција, Garda, непосредно пред несреќата било пријавено дека автомобил се движи во погрешна насока по автопатот М9. Возилото се движело кон југ по коловозната лента наменета за сообраќај кон север.
Набргу потоа дошло до директен судир со автомобил Hyundai кој се движел во правилната насока.
Во автомобилот што се движел во контраправец имало пет момчиња на возраст од 15 до 18 години. Сите петмина загинале на местото на несреќата.
Според The Irish Times, автомобилот бил пријавен како украден истиот ден. Ирската полиција сè уште ги истражува околностите под кои младите се нашле во возилото и причините поради кои автомобилот се движел во контраправец.
Во другиот автомобил патувале три сестри од областа Карлоу и седумгодишниот син на една од нив.
Семејството било на пат кон аеродромот во Даблин, од каде требало да отпатува во Велика Британија на семејна свадба.
Две од сестрите, на возраст од триесетина години, по несреќата биле во критична состојба и биле пренесени во Универзитетската болница Талахт. Нивната помлада сестра се лекува со сериозни повреди во болницата „Сент Винсент“, додека седумгодишното момче било хоспитализирано со сериозни повреди во детската болница во Крамлин.
Ирскиот полициски комесар Џастин Кели потврди дека семејството се движело во правилната насока кога во нивното возило удрил автомобилот што се движел во контраправец.
Кели предупреди дека возењето во погрешна насока на автопат претставува исклучително опасно и неодговорно однесување.
Тој се осврна и на поширокиот проблем со опасното возење кое понекогаш се снима и објавува на социјалните мрежи, но нагласи дека поради истрагата не може да коментира дали такви околности постоеле и во овој случај.
Несреќата е предмет и на разгледување од страна на ирскиот полициски омбудсман, додека Garda продолжува да ги утврдува сите околности што му претходеле на судирот.
Полицијата побара од сите возачи кои во периодот пред несреќата се движеле по автопатот М9 и располагаат со снимки од камери во своите автомобили да ги достават до истражителите.
Трагедијата се случува само една недела по друг случај во Ирска во кој автомобил со осум тинејџери се движел во контраправец на автопатот М50 и се судрил со друго возило. Во таа несреќа девет лица биле пренесени во болница.
