Жал спрема самиот себе, кога ќе се замислам во своите млади ученички години

„Дневник по многу години“ на Блаже Конески за прв пат е објавен во 1988. Рацин.мк во неколку продолженија ќе пренесе извадоци од критичкото издание на МАНУ од 2014во пресрет на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик. Впрочем, Конески и неговото дело секогаш се повод сами по себе.

ГРАД

Ние бевме родени во мало село и на него и неговата близина беше ограничен нашиот скромен неколкугодишен опит.

Целиот наш свет беше строго заграден со сртовите на Бабуна, Сивец, Липа, Златоврв и Сурун. Нашите птици летаа во тој круг и никој од нас и не помислуваше дека тие можат да го надминат. Планините беа и нашата предела спрема небото. Си велевме често како би било да ce качиме горе и со остен да го буцаме Господ.

Но широчината со секој ден подмолно нè потчинуваше. Ние моравме да признаеме дека надвор од нашиот хоризонт ce наоѓа градот. По саботите таму одеа и ce враќаа пазарџиите и ни донесуваа шеќерчиња, шеќерни петлиња на стапче и симиди или ѓевреци. Што ќе биде, боже, градот?

И тогаш ce случи, едно наше другарче, прво од нас, да го види тоа чудо. Ништо не можевме да разбереме од неговите кажувања, само нашето љубопитство ce зголемуваше. Нашето другарче ни кажуваше дека во градот имало оптегнати тељови, a на нив стоеле врапчиња. Градските деца ги гаѓале врапчињата со стрели. Ништо не ни беше јасно од тоа. Ние не знаеме што ce тоа стрели и не можевме да замислиме какви ce тие оптегнати жици.

Но од тоа кажување нарасна нашата нестрпливост да го видиме најпосле тој град. Едно летно попладне, штом тивна горештината, нашиот мал одред тргна по патчето кон Сивец, по сосем самостојно решение, без да му сe каже некому. Знаевме дека по тој пат сe оди в град.

Одевме бодро, во жив разговор, скоро среќни дека наскоро ќе видиме со свои очи нешто што толку ја тревожело нашата мисла.

Ce приближувавме веќе кон преслапот меѓу Сивец и Липа. Отаде надолу почнува непознатото. Ce слуша во близината тропање на клопотарци и мукање на говеда. Ce ближи зајдисонце, a тоа е времето кога имањето слегуваат в село.

Одеднаш на една чистинка лавнуваат пси, но ние нема што да ce плашиме, пa тоа ce нашите Шаро и Мурџо. Ја здогледавме и стамената фигура на нашиот овчар Трајко со тагарџик преку рамо.

– Каде бре? – нè праша тој.

– В град – велиме и одвај го погледнуваме, брзаме напред, како да не сакаме ни миг да загубиме. Го одминавме, но нè стигнува неговиот страшен глас:

– Одете само, одете, ама ене го онде зад лескана, клекнал волкот, го исплазил јазикот и ве чека.

Колената како да ни ce здрвија. Ce колебавме кратко, a потоа ce свртивме назад и заслегувавме в село. – Кр, кр, кр – го слушавме зад себе смеењето на Марка.

Нашето запознавање со градот го одложивме за подобри времиња.

ПРЕСЕЛБА

Тоа лето се разбра дека ние ќе ce делиме и ќе одиме в град. Како ги делеле нивјето и имањето, јас не знам, но ја паметам онаа вечер кога ги делеа домашните работи. Тоа стана во онаа просторија што ја викавме дома, каде што е огништето со тланикот и верушките, и каде што заправо ce поминува најголем дел од животот во стара селска куќа. На две еднакви купчиња ги клаваа по ред тепсиите, ваганите, лажиците и друго, a потоа фрлаа жрепче. Иако делбата ce вршеше при најголемо спокојство, сепак не можеше да ce каже дека немаше напнатост. Во очите на жените одвреме навреме ќе светнеше некоја зрачка што покажуваше кој дел повеќе ги привлекува.

Трајко овчарот плачеше и ги бришеше јадрите солзи. – „А бре, Коневци, што ви стана да ce делите при оваа убава живот?“ – велеше тој, уплашен од неизвесноста што го чека. Беше научен баба Дунавка одвреме навреме да му го наполни тагарчикот со мазник, беше како верен пес прибран во оваа куќа, a сега таа ce растура и тој треба да бара друго засолниште.

Најпосле ce приближи и денот на селењето. Слушав како некои жени и велеа на мајка ми: „Нема да ви биде лесно в град. Блаже ви е разгален и само ќе ви бара да му купувате шеќерчиња“. Боца, мојата малку постара од мене другарка, беше жалосна што си одам и што ќе нема со кого да си игра. Но мене ми беше cè едно, мене ме влечеше промената.

Кога нашите воловски коли, натоварени до врвот, кинисаа, веќе ce смрачуваше. На една од нив, врз покровите, за нас децата, за мене и моите две сестри, направија постела. Ние набргу заспавме.

Одеднаш нешто ме разбуди длабоко во ноќта. Само што ги отворив очите, ме пречека раскош. Јадри ѕвезди, какви што никогаш дотогаш не сум видел ниту потоа ќе видам, ce спуштиле над мене како кичери, така што ми се чини дека можам со рака да ги достигнам. Мојот живот ќе остане во сеќавањето засекогаш засводен од тоа ѕвездено небо, и тогаш кога ќе разберам дека такво нешто ce доживува само еднаш.

Од разговорот на луѓето разбрав дека ce загреала оска на колата и дека ceгa ја ладат со вода покрај некое чешмиче.

Беше добро разденето кога влеговме в град. Боже, какво е ова чудо? Тоа ми беше првпат да видам град и целиот ме полази страв од тоа што го видов, a што не можеше да ce помести во кревките граници на мојот дотогашен свет.

Обземен од тој страв, препален, неколку дена не излегував надвор од дворот, заграден со висок ѕид. Потоа сепак ce осмелив да ги направам првите чекори во тој нов свет. Застанував на портата и гледав што ce случува на нашиот сокак. Па ќе појдев до првото ќоше, за да откријам цел сплет такви сокачиња. Ce враќав со трчање, како некој да ме брка.

Но дојде денот да одам на училиште. Мајка ми, и самата збунета, ме испрати до порта и ми го подаде торбичето. Јас залипав очајно, како да сум оставен на милост и немилост, и нејќев ни да ce помрднам.

Тогаш откај нашето ќоше ce зададе едно дете, на налани, и тоа тргнато на училиште. Мајка ми му ce примоли и тоа ме зеде за рака и така кинисав. Во училницата седнавме во иста клупа, за да останеме потоа неразделни другари. Тоа дете, толку заслужно за моето вклучување во градскиот живот, беше мојот и сега драг пријател – Коце Солунски.

Во животот сум имал потоа многу ситуации што ме тревожеле и што требало да ги совладувам. Сум ce адаптирал кон огромни градишта во различни земји, прашајќи ce како ќе издржам. Но средбата со Прилеп остана мое најголемо искушение, како тогаш да ce решаваше дали ќе ce сломам или ќе издржам. Си мислам сега каква мака тргаат дрвчињата кога ги пресадуваат.

ОТСЕЧЕН ОД СВЕТОТ

Веќе реков негде дека чувствувам голем жал спрема самиот себе, кога ќе се замислам во своите млади ученички години.

За Божик 1935 година ce враќав дома на распуст, првпат откако отидов во Крагуевац. Имав железничка карта преку Градско, кое беше тогаш поврзано со теснолинејка со Прилеп, бидејќи нормалната линија од Велес уште не беше изградена.

Стигнав во Градско во зимско попладне, без динар во џебот. Беше зимски ден, снег го обележуваше пределот. На станицата во Градско ме чекаше лоша вест. Железничката врска со Прилеп е прекината, од невреме бил урнат некој мост на теснолинејката, така што треба да се бара некој друг излез.

Повеќе пати слегував и ce качував по подвозникот во станицата во Градско, надевајќи ce на некаква среќа, но никакво решение немаше. Бев стеснителен, неснаодлив, некомуникативен, така што веќе почна да ме фаќа паника.

Тогаш видов дека ce спрема да тргне за Прилеп еден мал автобус. Нешто ме натера да ce приберам, ce пресрамив, му пристапив на шоферот и го замолив да ме прими во автобусот. Пари немам, но во Прилеп ќе му плати татко ми.

Добриот човек ce согласи и јас влегов во колата. Место за седење немаше, но мене во таа ситуација ми дојде добро и стоењето на платформата назад, на кoja впрочем не бев сам, ами уште со три-четворица.

Меѓу тие мои сопатници ce издели еден мал човечец со тиролска капа и со ранец на грбот. Зборуваше германски. Јас бев единствениот што можев колку-толку да ce разберам со него со оние неколку збора што ги знаев од часовите по германски јазик во гимназијата. Разбрав дека е австриски Евреин и дека со време ce засолнува пред одмаздата на Хитлера.

Бев малечок, уште неизраснат, но моето знаење ми прибави неочекувано респект меѓу другите сопатници на платформата. Го заборавив ужасот со својата отсеченост во Градско и дури ce расположив додека автобусот со тресење ce искачуваше накај Плетвар.

Тогаш некој извади шише ракија. My го подадоа прво на малиот загубен човек и тој отпи. Шишето дојде и до мене и јас го навалив. Малиот Евреин ме прекори благо. Toj ми велеше дека сум мал да пијам.

Зар е чудно што сега ме обзема жал и што ce насолзувам кога ќе ce замислам себе во тоа дете?

(Продолжува)

БОНУС Видео: „Нежност“ Стихови: Блаже Конески; Музика и аранжман: Славе Димитров (Фестивал на забавни мелодии Скопје 1974)

Треба да знаете
Moже да ве интересира