Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Антикорупциска ги „чешлала“ Агенцијата за филм и Милчо Манчевски, ама го чека извештајот од ДЗР

Билјана Ивановска, ДКСК

Се чека извештај од Државниот завод за ревизија за да одлучи дали има основ за продолжување на постапката за утврдување на можни злоупотреби на средствата од Агенцијата за филм од страна на режисерот Милчо Манчевски и други режисери, одговорија на новинарско прашање на „ЦИВИЛ Медиа“ на денешната седница од Комисијата за спречување корупција.

– Се работи на извештајот и очекуваме наскоро тој да ни биде доставен. Бидејќи има нови пријави за наводни нерегуларности, ќе почекаме да видиме дали тие се вклучени во ревизијата, а потоа, ако има потреба повторно ќе го отвориме случајот – објасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска, не прецизирајќи кога точно би бил готов извештајот бидејќи немале ингеренции да вршат притисок врз ДЗР.

На прашањето „Дали во рамки на истрагата се следат и финансиските трансакции за филмот „Мајки“, каде има нерасчистени финансиски извештаи и тој предмет не е затворен, од комисијата побараа од ЦИВИЛ Медиа да достави документи според кои ќе продолжат со истрагата, иако тие документи може да се најдат и во Агенцијата за филм.

По објавената сторија на ЦИВИЛ Медиа со наслов: „Банана продукција, Милкман Продакшн и Милчо Манчевски – гаранција за успех на филм или тезга за големи пари?“ имаше многу реакции и во јавноста кои посочуваат за одредени финансиски злоупотреби.

Инаку, ЦивилМедиа деновиве потсети дека пред повеќе од две години, Агенцијата за филм, преку соопштение „Како Милчо Манчевски извлекува милионски суми за проекти“ ги повикала институциите да ги истражат постапките и да се позанимаваат „со хонорарите на режисерот“, ставајќи ја на располагање на институциите целокупната документација.

Од ДКСК тврдат дека уште пред неколку години го отворила предметот и утврдила дека за потрошените пари за снимање на некои филмови не биле доставени финансиски извештаи по што побарала кривично гонење за тогашниот директор, а на Заводот за ревизија му наложила да го преиспита работењето на Агенцијата.

Соња Танеска (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира