Преговорите меѓу Иран и Оман за идното управување со сообраќајот низ Ормутскиот теснец влегле во последната фаза, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
Според Арагчи, Техеран и Мускат се приближуваат кон усогласување механизам што треба да го регулира безбедното движење на бродовите низ еден од најважните светски поморски коридори.
Иран и Оман, како држави што излегуваат на теснецот, претходно формираа заеднички комитет задолжен за идните правила за пловидба, поморските услуги и безбедноста. Двете страни нагласуваат дека решението треба да го почитува меѓународното право и нивните суверени права во сопствените територијални води.
Иранското Министерство за надворешни работи тврди дека разговорите со Оман се билатерални и дека не претставуваат директни преговори со САД. Сепак, прашањето за повторното воспоставување непречена пловидба низ Ормутскиот теснец е дел од пошироките дипломатски напори за намалување на воените тензии во регионот.
Изјавата на Арагчи следува откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја одложил планираната нова воена акција против Иран за да остави простор за брз дипломатски договор. Вашингтон бара целосно отворање на теснецот и договор што ќе го ограничи иранскиот нуклеарен капацитет.
Ормутскиот теснец е клучна рута за светската трговија со нафта и гас, поради што секое ограничување на пловидбата предизвикува нарушувања на енергетските пазари и раст на транспортните трошоци. Засега не се објавени конечните правила, ниту датумот кога договорениот механизам би почнал да се применува.
