Авион лета 19 часа без запирање: Зошто 10.000 луѓе го следат?

Иран

Авион лета 19 часа без запирање од француски Тулуз до австралиски Мелбурн, а повеќе од 10.000 луѓе истовремено ја следеа неговата патека преку „Флајтрадар24“. Станува збор за историски тест на новиот „Ербас А350-1000УЛР“, создаден за најдолгите директни патнички летови во светот.

Авионот полета на 23 јули во 7:33 часот по локално време, а летот до Мелбурн беше планирано да трае околу 19 часа. Набргу по полетувањето стана најследениот авион во светот на платформата за следење летови. Во него немаше редовни патници, туку девет членови на тест-посадата.

Новиот модел е развиен за австралиската компанија „Квантас“ во рамките на проектот „Санрајз“. Целта е да се воспостават директни линии од Сиднеј до Лондон и Њујорк, без ниту едно попатно слетување. Авионот може да помине повеќе од 16.000 километри и да остане во воздух до 22 часа.

Толкавиот дострел го овозможува дополнителен резервоар со капацитет од 20.000 литри гориво, вграден во задниот централен дел на авионот. „Квантас“ нарача 12 вакви авиони, а секој ќе превезува 238 патници, значително помалку од вообичаената конфигурација на моделот, за да се обезбеди повеќе простор и удобност.

Во кабината ќе има посебна зона за истегнување и движење, станица за хидратација и осветлување приспособено на временската зона на дестинацијата. Оброците и светлосните режими се развиваат со експерти за спиење за да се намалат заморот и последиците од временската разлика.

Првите комерцијални летови меѓу Сиднеј и Лондон се најавени за октомври 2027 година. Директната линија треба да го скрати патувањето до четири часа во споредба со сегашните летови со попатно слетување.

Најчитано