Безбедноста, достоинството и заштитата на спортистите мора да бидат основа на секој спортски систем, порача Македонскиот олимписки комитет на конференцијата „Препознавање на родово базирано насилство и механизмите за заштита на жените во спортот“.
МОК на настанот беше претставен од Елена Зисовска Апостолска, која во своето обраќање нагласи дека нема врвен, ниту олимписки резултат ако спортот не е безбеден за сите негови учесници. Таа посочи дека заштитата на спортистите е темелна вредност на Интернационалниот олимписки комитет и на Олимписката повелба.
Во фокусот на конференцијата беа механизмите за препознавање и спречување на родово базираното насилство во спортот, како и институционалните обврски за создавање средина во која жените и девојките ќе можат да тренираат, настапуваат и напредуваат без притисоци, злоупотреби и дискриминација.

Зисовска Апостолска истакна дека Македонскиот олимписки комитет ја препознал оваа тема како приоритет. МОК веќе има назначено офицер за заштита во спортот, а во тек е и проект што ги опфаќа националните спортски федерации, со цел да се воспостават конкретни политики и механизми за заштита.
Таквите механизми треба да помогнат во навремено препознавање на ризиците, јасно пријавување на случаи, заштита на жртвите и превенција од злоупотреби во спортските средини. Посебно значење има соработката со федерациите, бидејќи токму тие се првата институционална рамка во која спортистите, тренерите и спортските работници секојдневно функционираат.
Настанот отвори поширока дискусија за предизвиците со кои се соочуваат жените во спортот, но и за потребата безбедноста и еднаквоста да не се третираат како споредни прашања, туку како услов за развој на спортот и за постигнување врвни резултати.