Заложничката драма во Берлин заврши во саботата наутро со ослободување на касиерката и апсење на напаѓачот, откако специјалните полициски сили упаднаа во супермаркетот „Реве“ во населбата Мариенфелде. Според германски „Билд“, и жената и осомничениот биле повредени, но полицијата засега не ја соопштила тежината на нивните повреди.
Кризата траела точно 11 часа и 20 минути. Напаѓачот ја држел касиерката како заложничка од петокот околу 22 часот, а специјалните сили го совладале во саботата во 9:20 часот.
Според информациите на „Билд“, напаѓачот бил последниот купувач во супермаркетот непосредно пред затворањето. Кога стигнал до касата, одбил да ги стави производите на подвижната лента, по што ненадејно извадил голем нож.
Дваесет и двегодишен вработен, кој бил задолжен да провери дали сите купувачи го напуштиле маркетот, бил сведок на почетокот на нападот. Тој за „Билд“ изјавил дека видел голем и светкав нож, по што успеал да избега и да се засолни.
Касиерката останала во објектот со вооружениот маж. Полицијата на местото испратила голем број службеници, специјална единица, полициски кучиња, пожарникари и екипи на итната медицинска помош.
Специјално обучени полициски преговарачи во текот на ноќта одржувале контакт со напаѓачот и се обидувале да го убедат доброволно да се предаде. Откако разговорите не донеле решение, раководителот на операцијата наредил упад во супермаркетот.
Специјалците го совладале напаѓачот со електричен парализатор, без употреба на огнено оружје. Тој бил изнесен од маркетот на носилка, опкружен со полициски службеници.
Заложничката била изведена на безбедно и предадена на медицинските екипи. Германската полиција потврдила дека и таа и напаѓачот се повредени, но веднаш по операцијата не објавила дополнителни информации за нивната здравствена состојба.
„Билд“ наведува дека напаѓачот и касиерката претходно не се познавале. Мотивот за нападот, можните барања на мажот и неговиот идентитет сè уште не се објавени.
Полицијата ја блокирала пошироката околина околу супермаркетот во текот на целата ноќ. Жителите можеле да ги напуштаат своите домови само со полициска придружба, додека специјалните сили биле распоредени околу влезовите на објектот.
