Битиќи: Просечната пензија ќе ја зголемиме на 30.000 денари

„Просечната пензија ќе биде 30.000 денари, што е зголемување од скоро 9.000 денари  или над 40% до 2028 година. Овие покачувања ќе се случат како резултат на новата методологија за пресметка на пензиите која оваа Влада ја воведе со измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. На овие покачувања, новата Влада предводена од СДСМ ќе обезбеди и новогодишен пакет од 6.000 денари за секој пензионер“,  изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.

Зброувајќи за зголемување на минималната пензија, Битиќи истакна дека во следниот мандат истата ќе се зголеми на ниво од 20.000 денари, што би било зголемување од 45% до 2028 година.

Битиќи посочи дека во изборната програма предвидено е и енергетски додаток во износ од 1.500 денари за секој пензионер во периодот од октомври до март, односно во времетраење на грејната сезона, со што, како што рече тој, ќе го заштитиме стандардот на нашите највозрасни сограѓани.

„Ова значи дека секој наш пензионер ќе добива по 15.000 денари дополнително годишно, надвор од редовното покачување на пензијата која му следува по закон“, рече Битиќи.

Тој потсети дека минималната пензија  во 2016 година изнесуваше 8.900 денари  и истата е зголемена за 5.000 денари, и сега изнесува 13.900 денари, што е зголемување за 55% за период од седум ипол години.

„Просечната пензија која во 2016 година изнесуваше 13.800 денари, ја покачивме за 7.600 денари и сега таа изнесува 21.400 денари, или тоа е раст од 55%“, рече Битиќи и истакна овие достоинствени покачувања на пензиите се постигнавме и ќе се продолжи да се постигнуваат со домаќинско менаџирање со фондот за ПИОМ.

„Тотална спротивност се празните ветувања на ВМРО кое свесно им ветува зголемување од 5.000 денари, кое никогаш нема да се случи, затоа што ни самиот фонд за ПИОМ, ниту централниот буџет може да го понесе товарот од дополнителни 330 милиони евра годишно, за да се оствари ова ветување“, рече Битиќи, притоа порачувајќи дека „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ носи напред, домаќински раководи со државниот буџет и се грижи за сите граѓани.

„Пензионерите да се мирни, бидејќи ние мислиме за нивниот удобен и достоинствен живот“, порача од пред пензионерскиот дом во Чаир Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира