Три жртви и седум повредени е билансот од две одделни тешки сообраќајни несреќи што на 19 септември, во период од нешто повеќе од три часа, се случиле на патот Битола – Прилеп и на автопатот Куманово – Скопје. Меѓу загинатите е 17-годишна девојка, а меѓу повредените има и седумгодишно дете.
Првата несреќа била пријавена во 18:29 часот на патот Битола – Прилеп, кај местото познато како „Туланата“. Во неа учествувале автомобил „опел“ со битолски регистарски ознаки, управуван од Е.Ф. (28) од прилепското село Канатларци, и автомобил „форд“, исто така со битолски ознаки, управуван од М.Н. (48) од Долно Српци, Општина Могила.
На местото на несреќата починала 17-годишна девојка, која била сопатничка во „опелот“. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Битола.
Со тешки телесни повреди се здобиле 28-годишниот возач на „опелот“, како и Д.Н. (44) и седумгодишно дете од Долно Српци, кои се превезувале во „фордот“. Повреден бил и 48-годишниот возач на „фордот“. Повредите им биле констатирани во Клиничката болница во Битола.
Увид на местото извршила екипа на СВР Битола, а околностите и причините за судирот се предмет на полициска истрага.
Нешто повеќе од три часа подоцна, околу 21:35 часот, во СВР Куманово била пријавена втора тешка несреќа. Судирот се случил на автопатот Куманово – Скопје, во насока кон Скопје, во атарот на Агино Село.
Во несреќата учествувале „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управуван од М.М. (65) од Скопје, и „опел корса“, исто така со скопски ознаки, управувана од С.Н. (27) од Скопје.
На местото починале двајца сопатници од „опел корсата“, В.Н. (49) и Л.М. (71), двајцата од Скопје. Сопатничката Л.Н. (48) се здобила со тешки телесни повреди, додека Б.Н. (28) и 27-годишниот возач на „опелот“ биле повредени. Тројцата биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид извршила екипа на СВР Куманово. По наредба на јавен обвинител, 65-годишниот возач на „мерцедесот“ бил лишен од слобода. Полицијата соопшти дека по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

