Дамките од крема за сончање не мора да бидат трајни: како да ги отстраните од белата облека

Кремата за сончање е неопходна за заштита на кожата, но може да остави тврдокорни дамки на белата облека. Причината најчесто е комбинацијата од масните состојки и УВ филтрите, како авобензонот, кој може да реагира со минералите во водата и да создаде жолти или портокалови траги. 

Експертите советуваат дамката да не се остава да се исуши. Прво треба нежно да се отстрани вишокот крема, без силно триење, а потоа местото да се третира со течен детергент или средство за миење садови и да се остави да делува околу 15 до 20 минути пред перењето. 

Доколку дамката остане и по првото перење, не се препорачува облеката веднаш да се суши во машина, бидејќи високата температура може трајно да ја фиксира. Наместо тоа, третманот треба да се повтори сè додека дамката целосно не исчезне. 

Кај белата облека, експертите препорачуваат употреба на кислороден избелувач кога тоа го дозволува декларацијата на ткаенината. Од друга страна, хлорниот избелувач понекогаш може дополнително да ја влоши промената на бојата, па не е секогаш најдобриот избор. 

За да се спречат вакви дамки, препорачливо е кремата за сончање целосно да се впие во кожата пред да се облече бела облека. Исто така, производите означени како „anti stain“ или оние што не содржат авобензон можат да го намалат ризикот од појава на дамки. 

Најчитано