Денот на македонскиот јазик чествуван на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

По повод јубилејот 35 години македонски јазик, лекторотот по македонски јазик во Будимпешта започна со реализација на манифестација насловена „Денови на македонска култура во Будимпешта 2023“ на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

Во рамки на традиционалната „Словенска пролет“ организирана од Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, студентите што ја следат наставата по македонски јазик пред своите колеги презентираа интересни податоци за обредите поврзани со празникот Ѓурѓовден кај Македонците и Едерлези кај Ромската заедница. Нивната презентација беше насловена „Ѓурѓовден/Едерлези (празник на сите)“ и предизвика огромен интерес кај студентите кои изучуваат словенски јазици на Институтот за славистика и балтичка филологија.

Како што соопшти Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта, во неформалниот дел од настанот, студентите и колегите имаа можност да дегустираат македонски вина и слушнат неколку македонски песни во изведба на музичкото дуо БудаПесме како најава за претстојниот концерт.

Манифестацијата која е во организација на Лекторатот  по македонски јазик во Будимпешта и Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом, Скопје официјално започна со настанот „Македонска вечер“. БудаПесме (BudaPesme) одржа целовечерен концерт на македонска народна музика. Настанот се одржа во Három Szerb Kávéház. БудаПесме е вокално-инструментално дуо во кое членуваат Вероника Варга и Бенедек Рети, кои ги поврзува љубовта и интересот за изворната балканска музика. Тие изведуваат музика од Македонија, Србија, Босна и Грција.

На почетокот, лекторот Панзов истакна дека се радува што веќе петта година по ред се одржува манифестацијата, која годинава започнува токму на Денот на македонскиот јазик и одбележува 35 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, единствено место во Унгарија каде што може да се изучува македонски јазик, литература и култура.

Јожеф Шутуш, претседателот на Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом, зборуваше за важноста на „малиот“ човек во приближување на народите, во овој случај Македонците и Унгарците, преку вакви настани, најчесто реализирани поради огромниот ентузијазам на инволвираните и независно од политичките прилики и неприлики.

-Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2023“ продолжува во септември со предавање и концерт на проф. д-р Горанчо Ангелов и серија на предавања од областа на македонската книжевност што ќе бидат објавени во двојазичен зборник во реномирана едиција Opera Slavica Budapestinensia на универзитетот ЕЛТЕ од Будимпешта. Планирани се и две официјални посети на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта и универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се вели во соопштението.

Манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“ се одржува веќе петта година. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Здружението „Вина од Македонија“ и амбасадата на Република Северна Македонија во Будимпешта, Унгарија. (МИА)

фото: Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитет ЕЛТЕ, Будимпешта

Треба да знаете
Moже да ве интересира