Претседателот на политичката партија ЗНАМ, Максим Димитриевски денеска изјави дека до вторник сè ќе се знае околу најавената реконструкција на Владта.
Димитриевски оцени дека ЗНАМ, иако е нов политички субјект, дава значаен придонес во работата на Владата преку двата ресора со кои раководи, како и преку своите претставници во пониските ешалони на власта.
Одговорајќи на новинарско прашање какви понуди добило ЗНАМ и дали можеби би се согласило на замена на кадрите во министерствата со кои раководи, Димитриевски рече дека има многу предлози и размислувања, индивидуални и партиски.
-Ние како владини партнери, а слушам и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта, сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри – истакна Димитриевски.
На прашањето, дали е прифатлива размената на ресорите земјоделство со правда, Димитриевски одговори дека сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира.
