Дрон со експлозив исплива на плажа во Романија, туристите евакуирани

Дел од дрон со експлозивно полнење утрово беше пронајден на плажата во романското летувалиште Олимп, на Црното Море. Плажата беше евакуирана, а експлозивот подоцна беше уништен со контролирана детонација.

Остатоците биле донесени до брегот од морските бранови и забележани во близина на лежалки и чадори. По пријавата, полицијата го затворила пристапот до плажата и бил воспоставен безбедносен периметар.

По проверката било утврдено дека делот содржи експлозивно полнење. Пиротехничките екипи го неутрализирале со контролирана експлозија, а жителите и туристите претходно добиле предупредување преку романскиот систем RO-Alert да не се приближуваат до зоната.

Романските власти засега не го соопштија потеклото на дронот пронајден во Олимп.

Инцидентот е дел од серијата случаи во кои делови од дронови во последните недели завршуваат на романското црноморско крајбрежје.

Само неколку дена претходно, на плажата кај Тузла беа пронајдени остатоци со експлозивно полнење. Романското Министерство за одбрана тогаш официјално соопшти дека првичните проверки покажале дека деловите потекнувале од дрон од украинско производство. Експлозивот и во тој случај бил уништен со контролирана детонација.

На 23 август кај Гура Портицеи бил пронајден и дрон од типот „Гербера“ со експлозивно полнење, кој исто така бил неутрализиран од романските воени нуркачи.

Зголемениот број вакви инциденти се случува во услови на војната во Украина и засилената активност на беспилотни летала и поморски дронови во западниот дел на Црното Море. Романија, како членка на НАТО и земја што граничи со Украина, во изминатиот период повеќепати регистрираше падови и остатоци од дронови на своја територија и во територијалните води.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?