На денешен ден, пред точно две години, уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад однесе 16 човечки животи. Трагедијата што ја потресе Србија прерасна во масовен студентски бунт кој доведе и до политички пресврт. Власта на Српската напредна странка падна на изборите, но судењето за смртта на 16 луѓе сè уште не започнало.
На 1 ноември 2024 година, во 11:52 часот, се урна настрешницата на неодамна реконструираната железничка станица. Несреќата отвори сериозни прашања за безбедноста на градежните работи, трошењето јавни пари и одговорноста на институциите.
Следуваа студентски блокади, масовни протести и барања за објавување на документацијата и утврдување на одговорноста. Движењето што започна со барање правда за загинатите постепено прерасна во политичка сила.
На предвремените парламентарни избори на 25 октомври 2026 година, Студентската листа освои парламентарно мнозинство, ставајќи крај на 14-годишната доминација на СНС.
Но, додека политичката сцена во Србија се промени, судскиот процес останува без почеток. Потврден е обвинителниот акт на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, меѓу обвинетите е и поранешниот министер Горан Весиќ, а одделни истраги продолжуваат во Белград и во Обвинителството за организиран криминал
Денеска во Нови Сад е најавена комеморативна поворка во чест на загинатите. Во 11:52 часот, точно две години по уривањето на настрешницата, граѓаните ќе им оддадат почит на 16-те жртви.

