Венецуела беше погодена од два силни земјотреси кои се случиле еден по друг во краток временски интервал, појава што во сеизмологијата се нарекува двоен земјотрес.
Првиот потрес бил со јачина од 7,2 степени според Рихтер, а само околу 39 секунди подоцна следел втор, уште посилен земјотрес од 7,5 степени. Двата потреси биле плитки, што довело до нивно силно чувствување на поширок регион и предизвикале значителна штета.
Таканаречениот двоен земјотрес се јавува кога два речиси подеднакво силни земјотреси се случуваат во краток временски интервал и на поврзани раседи. За разлика од класичната ситуација со главен потрес и последователни афтершокови, тука двата потреси се сметаат за „главни“.
Овој феномен е релативно редок, но многу опасен, бидејќи првиот земјотрес може да ги ослаби објектите, а вториот да предизвика нивно уривање и дополнително зголемување на штетите и ризикот по човечки животи.
Венецуела се наоѓа во сеизмички активна зона, каде што судирот на Карипската и Јужноамериканската тектонска плоча често предизвикува силни потреси, но вакви двојни земјотреси се сметаат за ретка појава.
