Финансиско друштво без дозвола за работа остана по вонреден надзор на Министерството за финансии, спроведен по пријава од граѓанин, при што биле утврдени сериозни прекршувања на законските прописи и правила за заштита на корисниците.
Контролата, покажала груби повреди во работењето на друштвото и практики што ги изложиле граѓаните на зголемен финансиски ризик. Поради тежината на неправилностите, Министерството донело решение за одземање на дозволата за работа.
Случајот ја отвора старата дилема околу брзите кредити и финансиските друштва: колку корисниците навистина се заштитени кога влегуваат во договори што често се потпишуваат брзо, под притисок и без целосно разбирање на сите трошоци, рокови и последици.
Од Министерството за финансии нагласуваат дека засилените контроли продолжуваат и годинава. Досега се изречени 22 глоби на 16 финансиски друштва, како и 23 мерки за отстранување на утврдени неправилности.
Паралелно се подготвуваат и законски измени со кои треба дополнително да се заострат условите за работа на финансиските друштва. Целта е да се намали ризикот од прекумерно задолжување, да се зголеми заштитата на потрошувачите и да се подобри транспарентноста во секторот.
Според регистарот на Министерството за финансии, ажуриран на 15 мај, во земјава активно работат 25 финансиски друштва. Најголемиот дел од нив, вкупно 16, се со седиште во Скопје, по две има во Битола и Прилеп, а по едно во Охрид, Тетово, Струмица, Радовиш и Кавадарци.
Податоците на Народната банка покажуваат дека средствата на финансиските друштва во 2025 година пораснале за 20,9 проценти на годишно ниво и достигнале 245,5 милиони евра, при што најголемиот дел се побарувања по основ на одобрени кредити.
