ЕЕС системот веќе создава сериозен притисок врз патниците од Македонија кон Грција, откако новиот европски дигитален систем за влез и излез на границите предизвика километарски колони и повеќечасовни чекања на премините Евзони и Дојрани, а грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, призна дека добил поплаки од колегите од Македонија и Србија, но порача дека европската легислатива мора да се спроведе.
Хрисохоидис изјави дека му е жал што во првата фаза примената на системот предизвикува доцнења, но нагласи дека проблемот не е само во персоналот. Според него, процедурите бараат време, бидејќи Европската комисија инсистира на целосна примена на правилата, а секој државјанин од трета земја мора да помине низ дополнителна електронска и биометриска проверка.
Новиот систем за влез и излез, познат како EES, важи за државјани на земји што не се членки на ЕУ и Шенген-зоната, меѓу кои се и граѓаните на Македонија. Тој ја заменува класичната рачна проверка и печатење на пасошите со дигитална евиденција на влез и излез, фотографирање на лицето и земање отпечатоци од прсти при првото регистрирање.
За македонските граѓани ова најмногу ќе се почувствува на патувањата кон Грција, особено пред летната сезона. Евзони и Дојрани се меѓу најважните копнени влезови за туристи од Македонија, Србија и Косово, а грчките медиуми веќе пишуваат за редици од два до три километри, па и повеќе, како и за стравувања дека состојбата може да стане уште потешка во јули и август.
Грчкиот јавен сервис ЕРТ објави дека на Евзони се создаваат долги колони поради новиот дигитален систем за контрола на граѓани од трети земји. Проблемот не е само во дополнителната проверка, туку и во инфраструктурата. Грчки извори наведуваат дека постојните премини, бројот на ленти, просторите за застанување и техничката опрема не се доволни за голем туристички бран.
На проблемот реагираше и опозицискиот ПАСОК во грчкиот парламент, предупредувајќи дека примената на EES на Евзони и Дојрани веќе создава сериозни доцнења, редици со часови и ризик за угледот на Северна Грција како туристичка дестинација. Во пратеничкото прашање се наведува дека патници веќе бараат алтернативни рути преку Бугарија за да ги избегнат гужвите.
Официјално, Европската Унија го претставува EES како систем што треба да ја засили безбедноста, да ги спречи злоупотребите со престојот од 90 дена во 180 дена и да ги открива лицата што остануваат подолго од дозволеното. Но практичната примена на копнените граници покажува дека без доволно ленти, опрема, персонал и организација, „паметната граница“ лесно се претвора во ново тесно грло за патниците.
За Македонија, најголемиот проблем е што системот не може да се избегне. Граѓаните ќе мора да сметаат на подолго чекање, особено при првата биометриска регистрација и во денови со силен туристички бран. Ако Грција не ги зајакне капацитетите на премините, летувањето кон Халкидики, Солун, Олимписката регија и Јонското крајбрежје може да почнува со часови поминати на граница.
