Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен, кој се онесвести за време на вчерашниот пријателски натпревар против Украина, се чувствува добро и наскоро ќе ја напушти болницата, изјави лекарот на данската репрезентација, Мортен Боесен.
„Разговарав со Кристијан утрово и тој е добро. Тој е со своето семејство и е во добро расположение. Се очекува наскоро да биде отпуштен и да може да се врати дома. Се грижиме за играчите и персоналот и сме во постојан контакт со нив“, рече Боесен, според официјалната веб-страница на Данската фудбалска асоцијација.
Пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина беше прекинат во 65-тата минута во Оденсе вчера откако Ериксен се струполи на теренот, а медицинскиот тим брзо интервенираше.
Ериксен (34) потоа сам го напушти теренот откако му беше укажана помош од медицинскиот тим и беше подложен на дополнителни прегледи во Универзитетската болница во Оденсе.
Данските медиуми потсетуваат дека на Ериксон му била дадена кардиопулмонална реанимација за време на натпреварот од Европското првенство 2021 година против Финска, што му го спасило животот, благодарение на брзата интервенција на медицинскиот тим.
Потоа на данскиот фудбалер му беше вграден ICD уред, специјален уред кој го следи срцевиот ритам и автоматски реагира доколку е потребно за да спречи опасни нарушувања на срцевиот ритам, а Ериксен се врати на теренот во 2022 година.
