ЕУ станува набљудувач на организацијата за борба против пиратите во северозападниот дел на Индискиот Океан 

– Советот на ЕУ одлучи да ја прифати поканата на Секретаријатот на Кодексот на однесување од Џибути/Амандманот од Џеда и да стане „пријател“, односно набљудувач, на оваа регионална рамка за соработка во справувањето со пиратеријата, вооружените грабежи, трговијата со луѓе и другите илегални поморски активности во реонот на северозападниот дел на Индискиот Океан, вклучувајќи ги и Аденскиот Залив и Црвеното Море, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти Европската комисија, со ова ЕУ ја манифестира својата силна поддршка за создавање ефикасна регионална поморска безбедносна архитектура и во исто време го зајакнува своето присуство и ангажман како глобален гарант на поморска безбедност и на борбата против илегалните поморски активности. 

– Северозападниот дел на Индиски Океан е еден од најдинамичните центри на економски раст во светот. Со оглед на тоа што 80 отсто од светската трговија минува низ Индискиот Океан, од клучно значење е да се обезбеди слобода на пловидбата и да се заштитат безбедноста и интересите на ЕУ и нејзините партнери, се додава во соопштението на ЕК. 

Кодексот на однесување од Џибути/Амандманот од Џеда во 2017 година го потпишаа 17 држави од источна Африка и југозападна Азија, кои гравитираат кон реонот на северозападниот дел на Индиски Океан, со цел да се промовира регионалната соработка и да се зајакнат капацитетите на државите потписнички во спротивставувањето на растечките закани по поморската безбедност во Аденскиот Залив и Црвеното Море.  

Во декември 2008 година ЕУ ја започна операцијата за поморска безбедност „Аталанта“, чија цел е борба против пиратеријата крај бреговите на Сомалија, а минатата година ја лансираше и мисијата „Аспида“ за заштита трговските бродови што минуваат низ Црвеното Море. Покрај овие операции, ЕУ во овој дел од светот спроведува и мисии во Сомалија и Мозамбик, како и проектите за поморска безбедност Критични поморски патишта во Индо-Пацификот (КРИМАРИО) и Безбедни мориња во Африка (ССА). 

Во 2022 година, Советот на ЕУ усвои заклучоци во кој се препорачува започнување на координирано поморско присуство на Унијата во северозападниот дел на Индискиот Океан и зајакнување на соработката со државите од регионот и регионалните организации за зголемување на поморската безбедност. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира