Европа влегува во најсериозната пресметка досега со социјалните мрежи што ги користат децата. Она што до пред неколку години изгледаше како родителска грижа за „премногу време на телефон“, сега станува државна политика: забрана или силно ограничување за користење TikTok, Instagram, Snapchat и слични платформи за деца под 15 или 16 години. Прашањето веќе не е дали децата поминуваат премногу време пред екран, туку дали државите ќе им дозволат на алгоритмите да останат нерегулирана средина во која малолетниците растат, се споредуваат, се изложуваат на притисок, вознемирување и содржини дизајнирани да ги задржат што подолго онлајн.
Поводот за новиот европски бран доаѓа во момент кога Европската комисија објави дека нејзината апликација за проверка на возраста е технички подготвена. Таа треба да им овозможи на корисниците да ја потврдат возраста при пристап до онлајн платформи, без платформите да добиваат непотребни лични податоци. Според Европската комисија, апликацијата ќе може да работи на различни уреди, ќе биде анонимна и отворена за интеграција во националните дигитални паричници.
Политичката логика зад овие мерки е едноставна: проблемот повеќе не се гледа само во времето поминато на телефон, туку во начинот на кој платформите се дизајнирани. Европскиот парламент во ноември усвои необврзувачки извештај со кој побара хармонизирана европска „дигитална возраст“ од 16 години за пристап до социјални мрежи, видео-платформи и AI-придружници, со можност децата од 13 до 16 години да пристапуваат само со родителска согласност. Во истиот документ европратениците бараат забрана на најштетните зависнички практики, меѓу кои бесконечно скролање, автоматско пуштање видеа, „pull-to-refresh“, наградни циклуси и препораки базирани на ангажман кај малолетници.
Ова е важна промена во европскиот пристап. Наместо целата одговорност да се префрла врз родителите, сè повеќе држави ја поставуваат одговорноста кај платформите. Ако алгоритмот е направен да го продолжи вниманието, ако на детето му сервира сè поинтензивна содржина и ако платформата заработува од тоа време, тогаш, според новата европска логика, таа не може да се однесува како неутрален посредник.
Франција сака забрана под 15 години
Франција е една од земјите што најгласно ја туркаат оваа агенда. Претседателот Емануел Макрон деновиве повторно побара забрана за социјални мрежи за деца под 15 години и предложи еден ден месечно без екрани за учениците. Францускиот парламент веќе разгледува закон со кој би се ограничил пристапот до социјални мрежи за малолетници под 15 години, но долниот дом и Сенатот не се целосно усогласени: едната страна поддржува општа забрана, додека другата сака ограничувањето да се однесува само на платформи што се сметаат за штетни за деца.
Францускиот случај е важен затоа што покажува дека ова прашање не е само техничко, туку и политичко. Макрон сака координиран европски пристап, бидејќи национална забрана лесно може да биде пробиена ако соседните земји, платформите и дигиталните сервиси немаат усогласени правила. Затоа сè почесто се зборува за „дигитално полнолетство“ во Европа, односно за јасна возраст под која децата не би можеле самостојно да отвораат и користат профили.
Грција веќе одреди датум
Грција оди уште поконкретно. Премиерот Киријакос Мицотакис најави дека од 1 јануари 2027 година ќе биде забранет пристапот до социјални мрежи за деца под 15 години. Владата ја оправдува мерката со пораст на анксиозноста, проблеми со спиењето и зависничкиот дизајн на платформите. Според Reuters, грчката влада веќе забрани мобилни телефони во училиштата и воспостави алатки за родителска контрола за ограничување на времето пред екран.
Грција, исто така, ја поврзува националната мерка со европската регулатива. Од 2027 година платформите ќе треба да можат да ги ограничуваат корисниците што не ја исполнуваат минималната возраст, а во спротивно би можеле да се соочат со казни според европскиот Закон за дигитални услуги, кои може да достигнат до 6 проценти од глобалниот промет.
Данска најави забрана, во Норвешка се уште консултации
Данска најави забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години, со можност родителите да дадат дозвола за некои деца од 13 години. Тамошната влада наведува дека платформите најмногу користени од децата се Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok, а според данските податоци, младите во земјата во просек поминуваат 2 часа и 40 минути дневно на социјални мрежи.
Норвешка, иако не е членка на ЕУ, оди во слична насока. Владата подготви јавна консултација за закон што би им забранил на социјалните платформи да нудат услуги на деца под 15 години. Норвешките власти отворено признаваат дека спроведувањето е правно и технолошки сложено, но нагласуваат дека децата мора да бидат заштитени од штетна содржина, злоупотреба, комерцијална експлоатација и злоупотреба на лични податоци.
Европа не оди со една брзина
Не сите земји предлагаат иста возраст или ист модел. Шпанија најави забрана за социјални мрежи за малолетници под 16 години и обврска платформите да воведат системи за проверка на возраста. Словенија подготвува закон за забрана под 15 години, Португалија бара експлицитна родителска согласност за деца од 13 до 16 години, а Полска подготвува закон за забрана под 15 години и одговорност на платформите за проверка на возраста.
Euronews наведува дека Франција, Словенија и Португалија се меѓу земјите со конкретни законски иницијативи, додека најмалку уште осум членки на ЕУ се во различни фази на разгледување ограничувања. Германија, пак, има политички предлози за блокирање пристап под 14 години, додека Естонија е една од ретките земји што отворено се противат на ваков пристап, со аргумент дека децата брзо ќе најдат начини да ги заобиколат правилата.
Австралија како тест за цел свет
Европа внимателно го следи примерот на Австралија, која од 10 декември 2025 година воведе ограничување за деца под 16 години на платформи како Facebook, Instagram, Snapchat, TikTok, YouTube, X, Reddit, Threads, Twitch и Kick. Австралискиот регулатор објаснува дека мерката не ги казнува децата или родителите, туку платформите, кои мора да преземат „разумни чекори“ за да спречат деца под 16 години да создаваат или задржат профили. Казните за компаниите може да достигнат до 49,5 милиони австралиски долари.
Но Австралија покажува и колку ќе биде тешко спроведувањето. Европската комисија и Reuters наведуваат дека по австралиската забрана имало силен раст на преземања VPN-апликации, што покажува дека дел од младите веднаш бараат технички начин да ги заобиколат ограничувањата. Затоа европските власти ја претставуваат проверката на возраста како бариера, а не како совршен систем за полициска контрола на интернетот.