Европа мора да инвестира во одбрана – Само четири земји надминуваат 3% од БДП

Само четири европски земји на НАТО издвојуваат повеќе од три проценти од БДП за одбраната, а францускиот претседател Емануел Макрон ја постави европската цел меѓу три и 3,5 проценти од БДП како одговор на американското повлекување од Европа.

„Последните три години Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана. Затоа треба да се подготвиме да го следиме примерот“, изјави Макрон за дневниот весник Фигаро, укажувајќи дека целта е околу три или 3,5 отсто од БДП.

Со децении, европските земји во голема мера ги префрлија трошоците за нивната безбедност на САД и ги намалија сопствените воени трошоци. Соединетите Американски Држави издвоија речиси 3,3 отсто од својот БДП за одбраната во 2024 година и веќе неколку години ги критикуваа слабите воени трошоци на Европа.

Според проценките за трошоците за одбрана за 2024 година, достапни на веб-страницата на НАТО, 21 од 29-те земји-членки на Атлантската алијанса (со исклучок на Турција) исполнуваат одреден минимален праг од два отсто од БДП за одбраната, што беше прагот утврден во 2006 година од министрите за одбрана на организацијата.

Полска, Естонија, Летонија и Грција ги предводат земјите кои инвестираат најмногу во своите воени средства.

Далеку пред другите сојузници, Полска издвојува повеќе од четири отсто од БДП за одбраната, а потоа следат двете балтички земји кои ја делат границата со Русија.

Грција, на четвртото место, придонесува со нешто повеќе од три отсто од нејзиниот БДП, бидејќи Атина има комплицирани односи со соседна Турција.

Повеќето други европски земји-членки на НАТО трошат околу два отсто од својот БДП на трошоци за одбрана. Нив ги предводи Литванија (2,85 отсто), потоа Финска (2,4 отсто), исто така земја што се граничи со Русија, по што следат Данска, Велика Британија и Германија.

Франција дава малку повеќе од два отсто. Макрон смета дека земјата треба да го зголеми тој процент.

Покрај тоа, шест земји членки на НАТО трошат помалку од два отсто од својот БДП за одбрана – Португалија, Шпанија, која е на последното место, издвојува едвај 1,28 отсто за своите воени ресурси.

Трошоците за одбрана на европските земји од НАТО сепак се зголемени за 75 отсто од 2014 година, покажуваат официјалните податоци на Атлантската алијанса. Во 2024 година, тие изнесуваа 452 милијарди долари. 

Зачлени се на нашиот е-билтен