„Фали ме усто да не те раскинам“, Минчев се самопофали, министрите на ЗНАМ биле одлични

„Фали ме усто да не те раскинам“ вака звучеше политичкиот тон на Горан Минчев пред најавената средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за реконструкција на Владата. Министерот за јавна администрација, кој доаѓа од редовите на ЗНАМ, во гостување на Канал 5 порача дека кадрите на неговата партија веќе биле евалуирани и дека министрите, замениците, директорите и другите функционери од ЗНАМ „ревносно“ и одлично си ја вршат работата.

Средбата меѓу партиските делегации на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, предводени од Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски, е најавена за сабота, а главната тема ќе биде реконструкцијата на Владата. Минчев пред средбата рече дека ЗНАМ ќе побара детали за точниот опфат на реконструкцијата и дали таа ќе се однесува само на министрите или и на вториот и третиот ешалон функционери.

Во политички превод, ЗНАМ однапред ја брани својата позиција. Додека премиерот Мицкоски најавува дека нема да има толеранција за функционери што не испорачуваат резултати, од ЗНАМ стигнува порака дека нивните кадри немаат проблем со резултатите. Напротив, според Минчев, партијата направила детална евалуација и ревизија на двегодишното работење на своите функционери и заклучокот бил позитивен.

Минчев нагласи дека прашањето не е дали некој некого сака, туку дали тој испорачува резултати. Сепак, додаде дека Мицкоски е премиер и дека ЗНАМ сака да ги слушне аргументите и од другата страна. Таа формулација остава простор за разговор, но и јасно покажува дека партијата не оди на средбата со намера лесно да прифати кадровски промени на своја штета.

ЗНАМ потсетува и на коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ за четиригодишна соработка. Минчев оцени дека двете партии имаат идентични ставови по клучни прашања, меѓу кои и противење на промена на Уставот. Со тоа, партијата испраќа порака дека владината стабилност не треба да се наруши преку реконструкција што би се претворила во внатрешна пресметка меѓу коалициските партнери.

Но, токму тука е политичката дилема. Ако реконструкцијата треба да биде тест за резултати, тогаш самопофалбите на партиите не можат да бидат доволни. Јавноста ќе очекува да види што точно испорачале министрите, директорите и функционерите, а не само партиска оценка дека „одлично“ ја вршеле работата.

Минчев откри и дека ЗНАМ веќе има позиција за следниот изборен циклус. Партијата, според него, е подготвена да настапи самостојно на следните парламентарни избори, без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени. Таа порака е важна затоа што доаѓа во момент кога реконструкцијата може да биде и тест за коалициската дисциплина.

Најчитано