Фридрих Мерц, лидерот на опозициските демохристијани, рече дека како германски канцелар ќе се обиде да постигне договор со новоизбраниот претседател Доналд Трамп што ќе ја стави Германија на порамноправна основа.
Се смета дека Мерц има најголеми шанси да го наследи канцеларот Олаф Шолц на предвремените избори што се очекуваат на почетокот на следната година, откако во средата пропадна владејачката коалиција на Шолц.
„Мораме да преминеме од заспана сила од средна големина и повторно да станеме водечка сила од средна големина. Никогаш не ги артикулиравме и не ги претставувавме нашите интереси доволно јасно во Германија, и мораме да го промениме тоа. Американците се многу поактивни во овој поглед“, изјави Мерц за германскиот магазин „Штерн“.
„Не треба да има корист само едната страна, туку треба да склучуваат добри договори за двете страни.“, додаде тој.
Мерц го наведе примерот со испораката на американски борбени авиони.
„Од Американците купуваме борбени авиони Ф-35 од потреба, но потоа треба да се одржуваат овде, а за тоа треба да ги добиеме и потребните капацитети. Тоа би било добра зделка за двете страни“, изјави лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
„Го следам Трамп и разговарам со многу луѓе кои многу добро го познаваат. Тие ми велат: Мора да му пријдеш со исправено држење и со јасност“, додаде Мерц. Мерц ја обвини германската влада за лош одговор на изборите во САД, на кои Трамп излезе како јасен победник.
Тој смета дека Берлин требало да биде подготвен за таков исход, но наместо тоа избрал да застане на страната на демократската кандидатка Камала Харис.
„Трамп има добра меморија. Новата администрација повеќе нема да ја слуша актуелната влада. Шолц сега стана ирелевантен на меѓународно ниво“, рече Мерц.