Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Ново Село побара итна истрага и итна реакција од надлежните институции по синоќешниот напад врз младите социјалдемократи, бидејќи станува збор за сериозен инцидент кој не смее да остане неказнет.
Филипче укажа дека нападот врз младите кои само јавно ја говореа вистината за Гостивар, претставува опасен обид за заплашување и замолчување на секој што има поинакво мислење од власта.
„Бараме итна истрага, итна реакција на Министерството за внатрешни работи, итна истрага на обвинителството, кои беа тие луѓе? Затоа што беа активисти на ВМРО, затоа што беа луѓе блиски на Христијан Мицкоски. Тие луѓе кои што посегнаа по тоа да физички се пресметаат со младите деца кои ја говореа вистината”, рече Филипче.
Тој порача дека младите нема да останат сами и дека нападот е показател за стравот на власта од вистината.
„Упатувам порака, децата не се сами. Не беа сами синоќа, не се сами денеска, нема да бидат сами ниту утре. Ова е знак дека власта е исплашена. Исплашена е заради тоа што излегува вистината за загадената вода, излегува вистината за економијата, излегува вистината за Европа, излегува вистината за тоа дека сега сме слепо црево на Европа”, рече Филипче.
Во изјавата, Филипче порача дека доаѓа време на правда и вистина, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ќе одговара за сите криминали, а особено за нападот врз младите.
