Филипче: На народот му остана да се надева за членство во ЕУ, Владата очигледно има обратна агенда

Владата е антиевропска, а Христијан Мицкоски ја носи Македонија во изолација и не дозволува да се направи чекор кон отворање на поглавјата со Европската Унија, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот“ на Сител.

Филипче рече дека еврокомесарката Марта Кос многу добро знае што се случува во земјата и дека, според него, оваа Влада не работи во насока на европската иднина. Тој го обвини Мицкоски дека е „прокси игра на Русија, односно на Србија“ и дека ја води државата во изолација, наместо кон отворање на преговарачките поглавја со ЕУ.

Според Филипче, власта се расфрла со наводни достигнувања во реформската агенда, но тоа, како што рече, е фарса. Тој ја спореди ситуацијата со ученик кој повторува одделение, а добива пофалба затоа што од единици стигнал до двојки.

Лидерот на СДСМ посочи дека Владата сега носи закони што требало да бидат донесени најдоцна до јуни минатата година. Како што рече, имало десетина закони што требало да се донесат во јуни 2025 година, но тие не се донесени ниту во јуни 2026 година.

„Тоа е изгубено време, изгубени реформи и изгубени пари“, порача Филипче, оценувајќи дека власта се обидува да претстави минимално поместување како успех, иако суштински земјата доцни со обврските.

Тој рече дека луѓето во Европската Унија многу добро знаат дека, според него, македонската влада е антиевропска. Филипче тврди дека тоа се гледа и во извештаите за напредокот на земјата, каде што се нотира застојот на европскиот пат и слабата реформска динамика.

Осврнувајќи се на изјавата на Марта Кос, Филипче повика таа внимателно да се слушне. Тој посочи дека еврокомесарката рекла оти се надева дека Македонија ќе остане на европскиот пат. Според него, токму таа формулација покажува дека Кос е свесна за опасноста земјата да се оддалечи од ЕУ.

Филипче оцени дека власта бара изговори за да не продолжи европскиот процес и дека зад тоа има политичка позадина. Според него, проблемот не е во тоа дали Брисел ја гледа ситуацијата, туку во тоа што Владата, како што тврди, не сака да направи реален чекор напред.

Пораката на Филипче е дека европскиот пат не може да се брани со декларации, со фрази и со самопофалби за реформи што доцнат. Според него, ако власта навистина сака напредок, мора да ги исполни обврските, да престане со изговори и да покаже дека Македонија не ја турка кон изолација.

Најчитано