Филмскиот проект „Генералот и пепeругата“ селектиран на FEST Pitching Forum во Португалија

Филмскиот проект „Генералот и пеперугата“ е селектиран за учество на ФЕСТ Пичинг форумот, кој ќе се одржи во рамките на 19-тото издание на ФЕСТ од 19-ти до 26-ти јуни 2023 година во Еспињо, Португалија. Проектот се најде помеѓу 24 селектирани, од 225 пријавени проекти.

Сценариото за филмскиот проект „Генералот и пеперугата“ на Венко Андоновски и Антонио Митрикески е работено според истоимениот роман на Луан Старова, режисер е Митрикески, во продукција на „Авард филм и видео“ и во соработка со „Трипл С Продукција“.

Проектот е поддржан од страна на Агенцијата за филм, а предвидено е во неговата продукција да се вклучат и копродуценти од Албанија, Франција, Германија и Полска.

ФЕСТ се вбројува во листата на најзначајните европски филмски фестивали, каде со проекции на врвни филмски остварувања од новата продукција, со повеќе од 200 наслови во програмата, вклучувајќи и филмови за млада публика, изложби и концерти на уметници поврзани со филмот, сесии на прашања и одговори со авторите, мастеркласи, работилници, дебати, конференции, презентации на проекти во развој и церемонии на доделување награди, се нудат голем број на активности и за публиката и за филмаџиите.

ФЕСТ бил домаќин на гости како што се Асгар Фархади, Бела Тар, Гаспар Ное, Фернандо Труеба, Мелиса Лео, Роман Копола, Џо Вокер, Гема Џексон, Ед Лахман, Том Стерн, Финола Двајер, Ирвин Велш, Алан Старски , Еугенио Кабаљеро, Анџела Ален, Иан Смит итн. Секцијата ФЕСТ ПРО е водечка платформа за филмските професионалци преку која што тие можат да се поврзат и лично да комуницираат, да го подобрат своето филмско знаење и да ги развијат своите нови проекти.

Треба да знаете
Moже да ве интересира