Финска бара 16 самци за бесплатно патување и вечера на слепо

Ако сте без партнер, сакате да патувате и уживате во добра храна, Финска има необична покана. Туристичката организација Visit Finland ќе избере 16 луѓе од светот за четиридневно патување со платени летови, сместување, оброци и активности. Во програмата има и групна вечера на слепо со можност за ново познанство.

Кампањата „Finnish Dinner Date“ ќе се реализира во февруари 2027 година. Осуммина ќе патуваат во Хелсинки, а другите осум во Тампере. На секоја од завршните вечери ќе им се придружат и двајца локални жители кои исто така се без партнер.

Патувањата ќе траат по четири дена, во периодот меѓу 9 и 19 февруари. Избраните учесници ќе дознаат во кој град одат при потврдувањето на учеството.

За пријавување е потребно кратко видео на англиски јазик со одговор на прашањето: „Што би послужиле на романтична вечера и зошто?“

Видеото треба да се објави на Инстаграм, Тикток или Јутјуб, со ознаката #FinnishDinnerDate и означување на официјалниот профил на Visit Finland. Потоа се пополнува формуларот на официјалната страница на кампањата, во кој се внесува линкот до снимката.

Профилите на Инстаграм и Тикток мора да бидат јавни. Оние што не сакаат јавно да го споделат видеото можат да го постават на Јутјуб како „Unlisted“, за да биде достапно само преку линк.

Пријавувањето е отворено за полнолетни лица без партнер, кои не се фински државјани и не живеат во Финска. Нема горна возрасна граница, а пријавите се индивидуални.

Рокот е 10 ноември 2026 година, до 10:59 часот по македонско време. Избраните учесници ќе бидат лично контактирани, а јавната објава е најавена за 1 декември.

Организаторите ги покриваат трошоците предвидени во програмата, додека патничкото осигурување и потребните патни документи остануваат обврска на учесниците.

Идејата е инспирирана од розовите кошници за самци во финските супермаркети, со кои купувачите покажуваат дека се отворени за запознавање. Овојпат познанствата се преселуваат на заедничка трпеза, со финска храна и гости од различни земји.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?