„Фолксваген“ се соочува со нов бран на штедење откако нето-добивката во вториот квартал паднала за 32,9 проценти – од 2,29 на 1,54 милијарди евра. Раководството истовремено разгледува дополнително намалување на работната сила за до 50.000 позиции во светот, но конечна одлука сè уште не е донесена.
Германската автомобилска групација е притисната од слабата продажба, високите трошоци, трговските ограничувања и сè посилната конкуренција од кинеските производители. Особено загрижува состојбата во Кина, еден од најважните пазари за компанијата, каде испораките значително се намалиле.
Во првата половина од 2026 година групацијата испорачала околу четири милиони возила, што претставува пад од 8,4 проценти во однос на истиот период лани. Приходите останале речиси непроменети на 158,1 милијарди евра, но оперативната добивка се намалила за 11,6 проценти, на 5,9 милијарди евра.
Компанијата поради послабите резултати ја намали и прогнозата за целата година. Наместо раст на приходите до три проценти, сега очекува резултат меѓу пад од три проценти и стагнација.
Дополнителните 50.000 работни места засега се сценарио што се разгледува, а не усвоен план. Тие би биле над веќе договореното укинување на околу 50.000 позиции во „Фолксваген“, „Ауди“, „Порше“ и „Каријад“ до 2030 година.
Под притисок се и делови од германската производствена мрежа. Во јавноста се споменуваат фабрики во Цвикау, Емден, Некарсулм и Хановер, но компанијата не објавила конечна одлука за нивно затворање. Новиот пакет мерки треба да биде дефиниран до крајот на годината, во услови на силен отпор од синдикатите и работничките претставници.
