Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод 2 Август – Денот на Републиката, порача дека Илинден ги обединува граѓаните околу вредностите врз кои е изградена македонската држава.
Во честитката, Гаши ги посочи Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година како двата историски столба на стремежот кон слобода, самоопределување и државност.
Според него, значењето на празникот не е само во наследената историја, туку и во одговорноста на институциите и граѓаните да ги применуваат илинденските идеали во секојдневниот живот.
Гаши повика институциите да бидат пример за интегритет, медиумите да ја зајакнуваат јавната одговорност, а граѓаните активно да учествуваат во демократските процеси. Тој нагласи дека заедничкиот интерес треба да биде ставен над политичките и општествените поделби.
„Тој нè повикува да размислиме како ги живееме идеалите врз кои е изградена Републиката“, порача претседателот на Собранието.
Во честитката се наведува дека преку дијалог, меѓусебна почит, соживот и институционална одговорност, Македонија треба да продолжи кон поразвиена и подемократска држава и кон европска интеграција.
Гаши на граѓаните им го честиташе 2 Август со порака дека најдостојната почит кон историското наследство е државата да се зајакнува со дела, визија и одговорност.
